Поддршката на украинските разузнавачи од западните служби, доминантно од американските и нешто помалку од британските, почнува уште во 2014, а се засилува од почетокот на војната. Пример, Британците ги развиваат капацитетите на военото разузнавање, додека Американците освен обука и директно ја финансираат изградбата на нови објекти на военото разузнавање бидејќи процениле дека старите се компромитирани. Згора на ова е неброената опрема која им ја испорачуваат на Украинците и редовната размена на разузнавачки информации што ги имаат службите.
Иако официјално оваа соработка продолжува во најдобар ред и хармонија, последниов период и посебно по еден неодамнешен текст во Вашингтон пост за кој се верува дека е напишан со „благослов“ од американските власти, покажува се поголеми тензии меѓу Киев и Западот.
Проблемите меѓу двете страни се сведуваат на три главни фактори. Прво, дел од Западот е загрижен за недостаток на реформи во СБУ (Украинската цивилна тајна служба) иако уште во јули минатата година Зеленски го смени првиот човек на агенцијата и најави чистка. Европски дипломати во Киев објаснуваат дека „стравуваат дека СБУ ја користи сегашната ситуација во земјата како шанса да се осигури дека никогаш нема да треба да мине целосен демократски ремонт.“
Друг проблем е што украинската стратегија за напаѓање на не-воени руски цели и поединци едно оди во корист на анти-украинската реторика на Путин, второ Москва верува дека тие напади се по нарачка на Западот, па стравот е дека Русите ќе почнат да преземаат слични напади на западна територија преку различни мрежи на свои соработници.
Трета работа е што во западните политички кругови постои чувство дека Киев никогаш не е целосно транспарентен околу своите планови, ниту пак е волен да одговори на загриженоста на сојузниците, и ова посебно се однесува на операции на СБУ и ХУР (военото разузнавање).
Од украинска перспектива овие поплаки се неосновани, и како што ќе објасни еден поранешен украински разузнавач „држави кои ги убиваат своите непријатели на другата страна на светот со помош на дронови не можат да се жалат за украинските методи... Ова е борба за преживување на Украина.“
Кај Украинците се повеќе тежина земаат и тврдењата дека Киев добил доволно поддршка за да се бори но не и да победи, кои почнуваат да се доживуваат како „нож во грб.“