Авганистанската аналитичка мрежа прави детални интервјуа со пет поранешни борци кои во овие година и пол од повлекувањето на Американците станале владини функционери и полицајци.
Луѓето со кои разговара се на возраст меѓу 24 и 32 години и минале меѓу 6 и 11 години во Талибанците на различни позиции од командант и снајпер, до обични борци. По завршувањето на војната, двајца од нив добиваат цивилни позиции, а другите тројца работат во безбедносните сили на земјата.
Поранешниот снајпер објаснува како во време на џихадот сè било полесно „тогаш сè што требаше е да направиме план за напад на непријателот и за повлекување. Луѓето не очекуваа многу од нас и имавме малку одговорност кон нив.“ За разлика од тогаш, сега ако некој е гладен, тие се одговорни за него.
„Талибанците беа ослободени од секакви ограничувања, а сега само седиме на едно место, зад биро и компјутер по 24 часа на ден, седум дена во неделата.
Животот почна да има грижи; истите работи ги правиш секој ден. Уште поголем проблем е што не си со семејството,“ изјавил снајперистот.
25-годишниот Абдул Нафи објаснува дека понекогаш му фали џихадистичкиот живот од војната:
„Кај нас во министерство има малку работа за мене. Затоа најголем дел од времето сум на Твитер. Имаме брзо ви-фи и интернет. Многу муџахедини, вклучително и јас, сме зависни од интернет, посебно Твитер.“
Сите петмина интервјуирани не се родум од Кабул туку доаѓаат во главниот град по повлекувањето на САД. Проблем им е висината на кириите, но далеку поголем проблем им е гужвата во сообраќајот која според нив од месец во месец станува понеподнослива.
Тие не можат да престанат да зборуваат за слободата што ја имаат дур се во војна, „имаш слобода да одиш каде сакаш, да останеш каде сакаш, да решиш дали ќе се бориш или не. Денес мора да си во канцеларија пред 8 часот наутро и таму да седиш до 16 часот, а ако не отидеш те сметаат за отсутен и ти ја кратат дневницата за дента.“.
Друго што им пречи е дека во војната живееле меѓу народ, а сега „многумина од нас се затворија себе си во нашите канцеларии и палати, напуштајќи го едноставниот живот.“
„Многу сум загрижен за нашите муџахедини. Вистинскиот тест и предизвици не беше за време на џихадот. Туку е сега. Во тоа време беше едноставно, ама сега работите се многу покомплицирани. Нè тестираат коли, позиции, богатство и жени. Многумина од нашите муџахедини, да не даде Господ, паднаа во овие наизглед слатки, но всушност горки стапици,“ изјавил соговорникот по име Камран.