- Чешка е татковина на пилзнерот.
- Чешка е земја во кој пивото го сметаат за течен леб.
- Чешка е земја во која ако на шанк нарачаш "пијачка", се подразбира дека бараш пиво.
- Чешка е земја во која ретко ќе видите комбе да пренесе неколку гајби и буренца во кафич; таму шпартаат цистерни кои ги точат танкерите на угостителските објекти.
- Чешка е земја во која штуц пиво е поевтин од минерална вода.
- Чешка е земја во која по глава на жител годишно се трошат 140 литри пиво. За споредба, Македонецот годишно пие аматерски 27 литри.
Во такво опкружување, министерот за здравство реши да понуди пакет мерки со кој ќе го заузда мегаломанското обожување на пивото, навика која има и свои лоши страни како што е највисока стапка на злоупотреба на алкохол кај млади од 13 до 15 години. Мерките се умерени, од типот наметнување обврска на угостителските објeкти да имаат барем едено безалкохолно пиво во понудата.
Иако неговите предлози не минале ни пред извршниот кабинет а камоли кај парламентот, во земјата веќе консензуално се создава блок кој му порачува дека тоа кај Чесите не минува. Угостителската комора најави дека е подготвена на жестоки судски и други противмерки во одбрана на традицијата и бизнисот.
Чесите имаат еден фин сенс за пружање отпор кога властите претеруваат во регулација на нивните животи, нешто што го негуваат уште од комунистичките времиња. Секој обид за тнр. социјален инженеринг го сфаќаат како напад на своите основни права и жестоко одговараат.
Министерот Лео Хегер е прилично реален во проценките за исходот на својата иницијатива. "Овојпат веројатно нема да поминат но, некогаш, можеби ќе поминат", вели Хегер.