Војните носат чудни сојузи.
Денес, Америка и НАТО ги поддржуваат храбрите Украинците во борбата за спас на својата земја, опирајќи му се на Владимир Путин кој се заканува да ја распарчи.
Свесно или затоа што се измамници, Русија, Саудиска Арабија, Иран, Берни Сандерс, пратеничката група на прогресивците во Конгресот, и целата Републиканска партија, прават сè за Путин да има поголем приход од енергенсите од било кога, што овој го користи за да убива Украинци и да ги мрзне Европејците додека не го напуштат Киев.
Во сенка на овие случувања, Путин и саудискиот престолонаследник (и де факто владетел) Мохамед Бин Салман, се надеваат дека огромната енергетска инфлација што дојде како резултат на руската инвазија ќе им помогне на Републиканците водени од Трамп, повторно да преземат контрола барем над Претставничкиот дом на САД во наредните месеци. Тоа би им одговарало и на двајцата, кои на Трамп гледаат како на човек што се уште повеќе љуби нафта одошто зелени алтернативи, и знае да ја заврти главата настрана кога лоши нешта им се случуваат на добрите луѓе.
Многу цинично, а? Не, извинете, ама не можете да бидете нешто многу цинични со оваа група силеџии, бандити и корисни идиоти.
Во средата, картелот ОПЕК плус (вклучително Саудиска Арабија и Русија) реши да го намали производството за два милиони барели дневно - со цел цената на нафтата да остане над 100 долари по барел - и тоа во свет што веќе оди кон рецесија и стеснет пазар на гас и нафта.
Иако вистинското намалување веројатно ќе изнесува близу еден милион барели дневно, затоа што многу производители во ОПЕК веќе работат под своите квоти, тоа и понатаму ќе има негативни реперкусии врз пазарот.
„Со околу 90 долари по барел денес, цената на нафтата е значително падната во однос на периодот непосредно по руската инвазија на Украина, но повисока одошто во било кој момент помеѓу 2015-ра и почетокот на 2022-ра“ забележува Фајненшл Тајмс.
Мотивите на Путин зад зголемувањето на цените не се никаква тајна.
Со војска во Украина што постојано губи територии - и со анектирање на делови кои всушност не ги контролира - Путин единствено може непромислено да се надева на тоа дека: (1) Европската унија ќе го напушти Киев доколку ја примора, смалувајќи го снабдувањето и подигајќи ја цената на гасот и нафтата, и дека (2) Вашингтон ќе ја прифати анексијата на територии во замена за престан на огнот и продолжување на извозот на руска енергија.
Саудијците се качија на возот. Стратегијата на Путин не е налудничава ниту без изгледи поради дво-деценискиот пропуст на западните нации стратешки да размислуваат околу енергетиката. Одеа во крајности - свет независен од фосилни горива веднаш. Но, заборавија на средствата за постигнување на истото по стабилен пат - максимизирањето на климатската, енергетската и економската сигурност - и тоа сè во исто време.
Наместо да ги сторат овие нешта, тие се правеа дека ги прават.
Во Европа се правеа - додека Путин потајно ги охрабруваше - дека можат да ги напуштат големите извори на енергија каков што е нуклеарниот (што Германците и го сторија) и брзопотезно да прејдат на непредвидливите ветрови, соларните и други обновливи извори, и дека се ќе биде розово. О, боже. Германците се чувствуваа така вешти во тоа - без притоа да признаат дека овој луд сон им беше во покровителство на Путин и евтиниот гас со кој ги снабдуваше - а им ја надокнадуваше разликата. Кога Путин реши да ја прекине игранката, еве што се случи:
„Германската влада донесе два декрети за продолжување на работата на големите термо-електрани на камен јаглен до 31 март 2024, и враќање на капацитетите на лигнит во периодот до 30 јуни 2023 со цел зголемување на снабдувањето“ јави Ројтерс од Франкфурт.
Во Америка, зелените прогресивци ја демонизираа индустријата на нафта и гас - некогаш и со право, во случаите кога индустријата мелеше без обзир на климатските промени - и практично и порачаа да оди кон тивко изумирање, затоа што ние преоѓаме на ветер и сонце. Инвеститорите во нафта и гас разбраа и почнаа да ги одлагаат или кочат новите влогови во производството, и наместо тоа се фокусираа на собирање што поголем профит од постоечките „бунари“.
„Колку идни производствени рунди изгубивме поради доцнењето на одлуките за инвестирање во нови проекти за гасот и нафтата? Одговорот гласи: 10 милиони барели нафта дневно, што е еквивалент на дневното производство на Саудиска Арабија, и 3 милиони барели дневно еквивалентни на нафта во течен природен гас, што е повеќе од еквивалентно на дневното производство на Катар. Да не се одложуваа одлуките од 2014-та наваму, сега ќе имавме нова Саудиска Арабија и нов Катар“ констатира Голдман Сахс.
И додека Америка во теорија се уште може да се грижи за своите, нема доволно за извоз во обемот потребен за да ја надокнади дупката што ја остава зад себе Путин, и да и помогнеме на Европа побрзо да прејде кон иднина без јаглен. Зелените прогресивци не сакаат да чујат за ова.
На сослушувањето во одборот на Претставничкиот дом пред две недели, конгресменката Рашида Тлаиб сакаше да знае дали извршниот директор на ЈПМорган Чејс, Џејми Дајмон и други банкарски раководители чуле за некаква политика „против финансирање на нови производи од нафта и гас“. Дајмон одговори:
„Апсолутно не, и тој пат би бил слепа улица за Америка“
Тлаиб му порача дека сите студенти што имаат студентски кредити и банкарски сметки во ЈПМорган треба да возвратат со тоа што ќе ги затворат сметките. Немајте дилеми: овој тип на детинесто морализирање од страна на Тлаиб му го разубавило денот на Владимир Путин. Таа не е ни приближно строга како сенаторите на Републиканците кои со години лажат дека климатските промени се лага, а потем го користат тоа за да го блокираат преодот кон чиста енергија.
Она што уште повеќе го воздигна Путин се Берни Сандерс, прогресивните демократи во Претставничкиот дом и целата Републиканска партија кои се обединија против законот на Бајден и демократското раководство - со цел да се поедностави процесот на издавање дозволи за домашни енергетски проекти, посебно издавање дозвола за гасоводи и далеководи за ветер и соларна енергија - една од најголемите препреки за стабилна зелена транзиција.
Тешко е да се сфати кој е бетер, дали прогресивците кои не сфатија колку сонце и ветер бара преодот кој би овозможил безбедно користење на чиста енергија, или републиканците кои знаеја дека нафтените и компаниите за производство за гас имаат потреба од побрз нафтовод кој би дозволил зголемување на производството на гас, но го убија за Бајден да не забележи уште една победа. Џо Манцин, демократ што се залага за фосилни горива, тогаш изјави:
„Она што не го очекував е Мич Меконел, мој пријател од Републиканската партија, да потпише договор со Берни или да проба да да ја бојкотира оваа реформа.“
Путин имаше лош месец во Украина - но добар месец во Конгресот.
Луѓе, ова не е виша математика: сакате да направите разлика или да си правите муабет? Ако сакаме да направиме разлика, мораме да ја максимизираме нашата енергетска сигурност, мораме да ја максимизираме нашата енергетска сигурност, природната сигурност и економската сигурност, и тоа сè одеднаш. Единствен начин да го сториме тоа ефикасно е да го поттикнеме нашиот пазар да произведува стабилно, да снабдува сигурно, со најниски можни емисии и со најниски можни трошоци - а најбрзо што може.
Единствен вистински ефикасен начин да се направи тоа е силен ценовен сигнал - или даночење на матни бизниси или поддршка на чисти бизниси - плус трајно подигање на стандардите за чиста енергија за производство на електрична енергија на начин на кој предлагаат Хал Харви и Јустин Гилс во својата нова книга „Голема поправка: седум практични чекори за спас на нашата планета.“
Додека не сме спремни да го сториме тоа, само се преправаме, се препуштаме на приказните на левицата и десницата - а Путин и М.Б.С. ни се смеат од полните сефови на банките со кои раководат.