Тоа што Европската комисија го правеше со Британија во изминатите четири години за да дојде до брегзит, со Швајцарија го тера цели 7 години.
„Федералниот совет денес донесе одлука да не го потпише договорот, и ја пренесе оваа одлука на ЕУ. Со ова преговорите се затворени.
Остануваат суштински разлики меѓу Швајцарија и ЕУ околу клучни точки од договорот. Заради тоа не се исполнети условите за потпишување на договорот,“ соопштуваат од швајцарската влада.
Од ЕК изјавуваат дека ја добиле „едностраната одлука“ за прекинување на преговорите, и дека жалат што Швајцарија се решила на тоа.
За швајцарските министри главна пречка било барањето на ЕУ да имаат целосен пристап до пазарот на труд на земјата, вклучително и оние кои бараат работа. Според нив, ова би можело да доведе до тоа не-швајцарски граѓани да добијат социјална заштита во Швајцарија.
Брисел исто така барал трговските односи со Швајцарија да бидат ставени во еден трговски договор, кој би ги заменил постојните 120 одделни билатерални договори, меѓу кои има и 50 години стари трговски договори. Со ова би се уредиле економските врски меѓу двете страни, но и би и дале предност на ЕУ во однос на Швајцарија во случај на некое недоразбирање.
Европејците барале и Швајцарија да ја признае јурисдикцијата на Европскиот суд на правдата.
Швајцарија во 1992 аплицираше да се приклучи кон ЕУ, меѓутоа подоцна одлучи да не стане членка на Европската економска област, за во 2020 да ја повлече застарената апликација.