Штрајкот го предводи најстариот и најголемиот синдикат во Франција, Confédération Générale du Travail, и негово главно барање е отфрлање на новиот закон за работни односи кој предвидува укинување на границата од 35 работни часови неделно. Во исто време ставот на владата е дека ова е законот од кој нема откажување, па дури и ако треба да падне владата.
Како дел од штрајкот се блокираат пристаништа, електрани и резервоари за нафта, машиновозачи и останати вработени во градското метро ја напуштаат својата работа, а пилотите на Ер Франс, кои инаку важат за одлично платени, најавија сопствен штрајк околу плати и услови за работа.
Ставот на премиерот Мануел Валс е дека ЦГТ ја уценува државата, претседателот на неговата партија Жан Кристоф Камбаделис, изјави дека ниту за секунда не верува дека синдикатот би ја уценувал државата, ниту пак дека ќе го прекинат превозот за време на првенството.
Одговорот на националниот секретар на ЦГТ е дека штрајкот трае веќе три месеци, што покажува дека не им било намера да уценуваат со фудбалското првенство, меѓутоа владата подобро да верува дека ќе и се случи блокада на сообраќајот. Тие го одредија 14-ти јуни, четири дена по почетокот на првенството и еден ден по почетокот на дебатата околу законот во францускиот сенат, како национален ден на акција.
Паралелно со тоа што се случува на улиците, властите од пред некој ден имаат проблем и со дождовите кои предизвикаа поплави во неколку градови во околината на Париз, кои мораа да бидат евакуирани и во кои загинаа три лица. Во исто време и дузина села останаа без струја и вода за пиење. Заради ова беше прекинат дел од сообраќајот во земјата (и без интервенција на синдикатите). Во Париз Сена на повеќе места е излиена од своето корито и се наоѓа на рекордно ниво во последниве неколку децении.
Пред сето ова да им се случи на Французите, математиките беа дека Еуро 2016 требаше да го посетат 8 милиони луѓе, кои требаа да генерираат 1,24 милијарди евра. Од исходот на мундијалот на големо зависи и кандидатурата на Париз за организирање на Олимпијадата во 2024. Во 2005 кога Париз ја изгуби организацијата од Лондон, синдикатите одржаа национален штрајк и демонстрации на денот кога членовите на комисијата на МОК беа дојдени во инспекција на градот.
Во тоа време, со десничарско мнозинство во парламентот, Французите штрајкуваа против укинувањето на ограничувањето од 35-часовна работна недела.