Македонија во „големата четворка“

Што заедничко имаат Македонија, Израел, Белорусија и Либерија?

Под водство на Трамп, популарноста и лидерскиот престиж на САД опаѓаат во целиот свет. Освен во спомнатите четири земји. Причините им се различни, тоест секоја од нив е башка будала.

„Угледот на САД глобално се струполи“, гласеа насловите по објавувањето на последниот извештај на Галуп по кој Америка доби рекордно ниски оценки за нејзиното лидерство, скала на која сериозно се искачува Германија. Рејтингот на САД во очите на светот сега е најнизок откако Галуп го мери овој параметар, од пред повеќе од десет години. Претходно својата земја најниско успеа да ја спушти Џорџ Дуплове Буш.

Меѓу 134 земји чии жители учествувале во сондажата на Галуп, американското лидерство во просек има одобрување од 30%. Кога тоа беше проверувано во последната година на Обама, беа 48%. 

Падот на престижот на САД е сериозен во дури 65 земји каде достигнува двоцифрена бројка а меѓу нив се и нивни долгогодишни сојузници како Канада (пад од 40%), Австралија (31%) или Велика Британија (26%).

Па сепак, во наведената четворка од насловот, Трамп ја прави Америка престижна за повеќе од 10% во однос на минатото. И секоја од нив има поинакви причини за членство во овој опскурен мало-нас-је-ал-смо-говна клуб фанови.

Во Израел - каде под водство на Трамп популарноста на САД како светски лидер е зголемена за 14% - тоа несомнено е неговата одлука да го признае Ерусалим како главен град на еврејската држава а помага и неговото закачање со Иран како и блокирањето на меѓународната помош за Палестинците.

Белорусија (скок од 11%) нема такви политички и државни причини да ја сака Америка. Таа земја уште од 2006 е под американски санкции кои за некои компании беа олабавени во времето на Обама но високи државни функционери и самиот Александар Лукашенко сè уште се на црната листа. Белорусите се палат на Трамп веројатно заради начинот на кој владее кој ги потсетува на нивниот лидер. Со цврста рака, авторитетно/авторитарно и гласно против политичките и бизнис елити а во име на народот. За нив Трамп а американска верзија на саканиот мачо лидер кој е на власт преку две децении.

Во Либерија (скок од 17%) причините за раст на популарноста на трамповите САД не се ни политички ни стилистички туку историски. Самата држава во 19-от век е создадена од ослободените робови од Америка и тој сентимент трае долго (напомена: истражувањето е направено пред Трамп да ги оцени таквите земји како „шитхол“)’. Интересно за оваа земја е што освен на САД, популарноста таму им расте и на Русија, Германија и Кина.

Според Атлантик и нивните извори. главната причина што Македонците го сакаат Трамп е што не го можат Хојт Ји.

„Објаснувањето за тоа што после долгогодишно опаѓање, довербата во раководството на САД во Македонија скокна за 15 поени не лежи во Белата куќа, туку во Стејт Департментот. Во мај македонскиот претседател Ѓорге Иванов му додели мандат на опозицискиот лидер Зоран Заев да формира нова влада по повеќе месеци одбивање - одлука која следеше по инсистирање на Хојт Ји, заменикот државен секретар на САД, назначен во времето на Обама“, пишува американскиот медиум.

Опаѓањето на меѓународната поддршка и доверба не треба да го секира Трамп (ко па тој да се секира за било што), сè додека на домашен терен се држи добро. А дома си грми бидејќи иако едно време имаше рејтинг од само 13%, моментално е на 39%. Во своите најлоши денови Труман имаше 22% Никсон 24% а Картер 28%.  

 

 

23 јануари 2018 - 11:05