Првата позната употреба на shithole во печатената литература на англиски е регистрирана во скапоцен ракопис кој се чува во библиотеката Бодлијан во Оксфорд. Насловен како Liber Lilliati, тој содржи „мрсни“ стихови од извесен црковен музичар Џон Лилиат, кои ги напишал пред својата смрт во 1629. Во нив „шитхол“ се користи со значење на „анус“.
Овoj податок искрсна многу бргу по коментарот на Трамп, кој не е прв кој предизвикува интерес на психолози, антрополози и лингвисти, но е прв кој поттикна твитање цитати од опскурни дела на елизабетанската литература:
TIL: Earliest known use of #shithole, according to OED, is this amazing line from the 1629 'Liber Lilliati': "Six shitten shotes did I shoote in thy mowth that I shot from my shithole."
— Kristina Killgrove ☠ (@DrKillgrove) January 11, 2018
Сепак, по ваквата употреба на „шитхол“ во 17 век постои голем јаз до следниот цитат, кој е веќе од дваесетиот. Во 1902 Џон С. Фармер и В. Е. Хинли го вклучиле во нивното антологиско дело, „Сленгот и неговите аналогии во минатото и сегашноста“. Таму тој е дефиниран едноставно како „ректум“. Во текот на истиот век терминот добил и други значења како „тоалет или кенеф“ или „утепана локација“ (посрано место).
Во последново значење терминот често се среќава во литературата, особено онаа која има врска со војни и „утепани земји“ во кои се борат американските војници. Но истиот се користи и во сатирична смисла, како во операта „Подемот и падот на градот од махагони“, компонирана од Курт Вејл на либрето на Бертолд Брехт, преведена на англиски во 1971. Истата година Бернард Маламуд го употребува зборот во својот роман „Кираџиите“. Еден лик таму вели: „Никогаш не сум бил во Мисисипи и не би стапнал во тој кенеф“. И Филип Рот го употребува во „Големиот американски роман“ од 1973, кога бејзбол играч размислува за локалната слава:
„Што им е на проклетиве фанови, толпа глупаци кои живеат на исто место и мислат дека ако победиме тоа е добро за нив, а ако загубиме дека тоа не е така? Никој од нас и не е од тој град, па на дресовите слободно може да ни пишува ПОРТ ШИТХОЛ за името на местото каде и онака си се нашол случајно“.
Од тогаш наваму „шитхол“ често се појавува во англо-саксонската литература, како место - но најчесто родно, или барем домашно - во кое некој е заглавен и од каде едвај чека да избега. Но Трамп, кој зборот го употреби за места во споредба со кои Америка не е „дупка“, сигурно не го има научено од книги.