Што треба да знаете за британското излегување од ЕУ

Минатиот мај Камерон ги доби изборите врз основа на ветувањето дека повторно ќе ги преговара условите под кои Британија е членка на ЕУ и ќе им даде шанса на гласачите пак да одлучуваат околу членството. Првото се случи минатиот викенд, второто ќе се случи на 23-ти јуни.

Викендов во Брисел британскиот премиер успеа да се избори за гаранции дека Британија без финансиски реперкусии може да продолжи да ја користи фунтата наместо еврото; и дека Британија е исклучок од јавно искажаната цел на ЕУ за "што е можно поблиска Унија."

За ова, Камерон мораше да направи одредени отстапки посебно околу прашањето дали Британија е должна да им плаќа бенефиции на работниците мигранти од Унијата, конкретно од Источна Европа. Должна е, ама не во цел износ.

Сега премиерот има до јуни за да ги убеди гласачите дека ова е најдобриот договор што може да се постигне со Унијата и дека членството во неа се уште се исплати. За сега анкетите покажуваат многу мала предност за останување во Унијата.

На терен Камерон може да смета на поддршката од луѓето кои имаат финансиски интереси од останувањето во ЕУ, и од опозициските Лабуристи, ама затоа пак треба да се справува со поделби во својата партија.

Од Конзервативците доаѓа и најголемиот проблем на Камерон, градоначалникот Борис Џонсон кој најави дека ќе води кампања во корист на британското повлекување од Унијата. Џонсон е неспоредливо најпопуларниот британски политичар, кој уште од сега го сметаат за главен кандидат за премиер на изборите 2020-та. Заради сето ова Брегзит му е одлично место за собирање поддршка.

За сето време додека Англичаните се нечкаат околу ЕУ, Шкотите се далеку поподготвени да останат во Унијата, дополнително најавувајќи дека референдумот околу Брегзит речиси сигурно ќе доведе и до нов референдум за независност на Шкотска. Ако ова успее Шкотска најверојатно ќе побара членство во Унијата.

25 февруари 2016 - 10:44