„Нашата работа е завршена. Ги одбранивме веќе објавените карикатури, и се уште веруваме дека имаме право да ги критикуваме сите религии. Но не сакам да излезе дека списанието е опседнато со исламот. Грешките за кои можете да ги обвините муслиманите можат да се најдат и во други религии", изјавил тој за Штерн.
Сурисо, кој поседува 40% од акциите на компанијата, го преживеа терористичкиот напад на редакцијата кој се случи на 7 јануари оваа година, со тоа што се преправал дека е мртов. Во нападот беа убиени 12 негови колеги, меѓу кои и дотогашниот уредник, Стефан Шарбоние. Ова беше втор напад на канцелариите на сатиричниот весник од екстремистичка група - првиот беше во 2011 кога беше подметнат пожар, но немаше повредени.
Нападите против Шарли Ебдо сепак не се единствените поттикнати од визуелен приказ на Мухамед. Насилни протести се случија и откако дански весник објавни неколку карикатури на пророкот во септември 2005. Неодамна, неколку исламски милитанти беа убиени во Тексас кога отвориле оган на изложба „Нацртај го Мухамед" во мај 2015.
Предвесник за најавата на Сурисо дека Шарли Ебдо веќе нема да објавува карикатури на Мухамед беше изјавата на Реналд Лузие, авторот на насловната на првиот број излезен по нападот со расплаканиот пророк и натпис „Сè е простено", кој за француско културно списание рече дека цртањето на овој лик „веќе не го интересира", бидејќи од него се заморил исто како што претходно се заморил од цртањето на Саркози.