Главниот лик во целата приказна е Николај Петков, жител на Николајев, кој бил нападнат за време на демонстрациите на 9-ти април. Петков дава интервју за три различни телевизии: Росија 1, НТВ и НТС Севастопољ.
Во првото интервју, за Росија 1, Петков е претставен и зборува како обичен граѓанин, кој бил претепан од нео-нацисти и ултра-националисти, кои таму биле донесени со автобуси и придружени од украинската полиција. Петков тврди дека добил потрес на мозок и бил ранет со огнено оружје.
Вториот пат, во ексклузивното интервју за НТВ, Петков во истиот болнички кревет, само со покајнички глас признава дека е германски шпион за една тајна европска организација. Приказната е дека откако го напушта Николајев во 1992-ра, тој се стекнува со неколку државјанства и има германски, украински и руски пасош. Овој Петков тврди дека поседува 15 старечки домови во Германија и замок во Швајцарија.
Петков тврди дека се вратил во Украина со половина милион евра кои ги добил од тајна група што одбива да ја именува. Со овие пари тој купил оружје и најмил 50 европски платеници кои треба да се справат со демонстрантите против новата украинска влада. Кога ја видел ситуацијата на теренот Петков сакал да најде "цивилизирано" решение, ама тука се судрил со украинските екстремисти кои го застрелале во нога и му го скршиле носот. По ова морал да ги моли за да му го поштедат животот.
Третиот Петков (интервјуиран во комплетно иста болница, кревет, завој на носот и сл.) е познат детски хирург кој им го спасил животот на над 200 бебиња и кој се вратил во родниот Николајев со "неограничена" сума на свои пари за да го помогне организирањето на локалните демонстранти против новата украинска влада. Како доктор тој за време на демонстрациите работел на помагање на повредените и нивно сместување во шаторите. Петков бил ранет во нога кога нео-нацистите отвориле оган на шаторот и почнале да пукаат.