Саудиска Арабија ги врати западните сојузници

Во последните неколку месеци од мандатот на Обама во кои тој инсистираше неговата надворешна политика да остави финален впечаток на принципиелност, многу западни земји ги оладија односите со Саудиска Арабија. Лека- полека, сега сите се враќаат во стариот, удобен и нафатиран со пари скут на саудиската кралска фамилија. 

Само пред три месеци се чинеше дека Иран ја доби глобалната ПР војна против својот заколнат непријател Саудиска Арабија. Американскиот Конгрес дури донесе и резолуција против државно спонзорираниот тероризам со кој директно се таргетираа Саудијците. 

Во меѓувреме победи Трамп.

Сега се случува ова:

  •  Либералната влада на канадскиот премиер Трудо го одбрани и на суд го запечати својот дил за трговија со оружје со Саудиска Арабија тежок 15 милијарди долари.
  •  Германскиот министер за надворешни работи во последната посета на кралството го финишираше договорот за тренинг на саудиски воени офицери.
     
  • Велика Британија остана на ставот дека нема ништо спорно во продавање оружје на Саудијците што нивниот шеф на дипломатијата Борис Џонсон го објасни во својот познат бахат стил "Ако не им продадеме ние, ќе им продадат други."

Саудиска Арабија во меѓувреме успеа да ги врати на стариот колосек и односите со другите муслимани од регионот.

  • Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров наиде на топол прием кај вториот човек на кралската лоза па не зуцна ништо што би било непријатно за домаќинот иако во август беше покровител на меѓународна сунитска конференција на која се критикуваше вахабизмот зад кој стои Саудиска Арабија.
     
  • Тунис го ногираше својот министер за верски прашања заради „кршење на дипломатските правила“ откако овој жестоко го критикуваше вахабизмот.
     
  •  Новоизбраниот лидер на Либан пушти рака на помирување кон кралството за да обезбеди континуитет на милијарди долари вредната помош, стопирана по зголемувањето на влијанието на Иран. 
     
  • Египет кој со Саудијците секогаш игра топло- ладно реши да игра топло па во знак на добра воља им отстапи два острова во Црвеното море.
     
  • Оман кој беше главен локален катализатор на нуклеарниот договор со Иран подоцна се приклучи кон регионалната „коалиција против тероризмот„ која ја предводи Саудиска Арабија. Случајно, Оман ќе добие милијарди долари помош од истата коалиција во која се и Кувајт и Катар.

Во очите на Саудиска Арабија, Барак Обама беше еден од најлошите претседател на САД. Иако сè уште не се најјасни контурите на политиката на Трамп кон Блискиот исток, неговите чести анти-техерански изјави во предизборната кампања им беа доволни на принципиелните западни политичари да оценат каде дува ветерот.

Со други зборови, све е исто, само њега нема.