Признанието е во контекст на првичните информации од високи американски функционери дека Русија се подготвува да користи хемиско оружје во Украина. Нешто што беше јавно повторено и од Џо Бајден.
Неделава, тројца американски функционери за Ен-би-си њуз изјавија дека нема какви било докази дека Русија донела какво било хемиско оружје во близина на Украина, правдајќи се дека информацијата ја објавиле за да ја откажат Русија од користење забранета муниција.
Самите американски функционери признаваат дека периодов под координација на Советот за национална безбедност на Белата куќа, се случува до сега незабележан број на објави на разузнавачки информации, се со цел „да се дебалансира рускиот претседател“. За оваа потреба, дури се ангажирани и дополнителни вработени за да се забрза процесот на декласификување на разузнавачки информации.
Пример за ова е една од неодамнешните прес-конференции на советникот за национална безбедност Џејк Саливен, кој објави декласификувани информации според кои руското повлекување околу Киев не е вистинско повлекување туку „стратешко прераспределување кое наведува на значителен напад во источна и јужна Украина, кој според американските власти може да се претвори во долга и крвава битка.“
„Намерата е да се претркаат и попречат тактиките на Кремљ, да се искомплицираат нивните воени кампањи, ’да се поткопа пропагандата на Москва и да се спречи Русија да дефинира како војната е перципирана во светот,’“ пренесува Ен-би-си изјава на западен владин функционер.
Истото го признаваат повеќе американски функционери, дека информациите ги искористиле како оружје, дури и кога довербата во точноста на информациите не е висока. Некогаш е за да се откаже Русија од користење хемиско оружје, друг пат е за да „му се влезе во главата на Путин“. За дел од нив, обидите да се влезе во главата на Путин е безвезна вежба, бидејќи тој секако ќе прави што сака.
За американските власти најголемиот успех во користењето на разузнавачки информации е што ја одложиле руската инвазијата на Украина од првата недела во јануари до крајот на февруари. Американците ова го погодуваат и покрај тоа што други западни земји, пример Франција, го тврди спротивното. Како последица на оваа грешка првиот човек на француското воено разузнавање пред некое време поднесе оставка.
Навремените проценки им дале време на САД да ги организираат сојузниците и да дадат единствен одговор на руската закана.
Ваквото јавно играње со разузнавачки информации е ризично бидејќи секоја грешка ќе биде страшно добро искористена од Москва за наштетување на кредибилитетот на САД.
Пример, минатата недела американски функционери им изјавуваат на новинари дека имаат податоци дека Путин го лажат неговите лични советници, на кои им е страв да му ја кажат вистината. Истиот ден кога Бајден беше прашан за истото тој беше далеку помалку сигурен во тоа. Аналитичарите ова го опишуваат како пример на информација која секако не може да биде потврдена или негирана.
Друга информација која се покажа дека не се базира на силни докази беше обвинението дека Русија побарала воена помош од Кина. Сега американски функционери изјавуваат дека нема какви било индикации дека Кина размислува да и испорача оружје на Русија. Слично како кај хемиското оружје, администрацијата на Бајден ова го објавила како предупредување за Кина да не помислува на такви работи.
„Не е важно да бидат издржани разузнавачки податоци кога зборуваме за нив. Поважно е да бидеме пред нив - посебно Путин - пред да направат нешто. Ова е превентивно.
Не секогаш сакаме да чекаме додека разузнавањето е 100% сигурно дека тие ќе направат нешто. Сакаме да сме пред нив и да ги запреме,“ изјавил американски функционер за Ен-би-си.
Без разлика на исходот од војната, сега американските власти размислуваат и понатаму да продолжат со поскоро објавување на разузнавачки информации. Во 2020, девет од 11-те американски борбени команданти потпишаа меморандум во кој бараат американското разузнавање да декласификува уште повеќе информации за да се спротивстави на дезинформациите и пропагандата од Москва и Пекинг.