САД се наместија во невозможна позиција во Сирија

Откако успеаа да се спастрат и да ги фокусираат сите не-ИСИС и не-Асад сили на заеднички непријател, Американците во Северна Сирија се најдоа сред војна меѓу своите два најголеми сојузници на теренот: Турција и Курдите. Едните членка на НАТО, другите вооружени од НАТО и САД.

По неколку месеци предупредувања, и константно очигледно нетрпение, минатата недела Турците удрија на курдските сили во Северна Сирија, кои се едни од најсилните сојузници на Американците во регионот.

Кај официјална Турција нема ни најмали симпатии кон Курдите и нивните успеси во Сирија, па и покрај сите нивни жртви во војната против ИСИС и понатаму ги сметаат за „банда терористи“.

Во исто време Курдите се чувствуваат дека им помогнале на САД да го поразат ИСИС, и сега, откако ја завршиле работата, тие останале напуштени од своите сојузници.

„Курдските сили моментално се бесни. Тие ги гледаат илјадниците луѓе што ги испратија да се борат против ИСИС, целата соработка што ја нудат на теренот, и фактот дека се волни и желни и способни да бидат дел од тоа. И сега се чувствуваат како САД да е на раб да ги фрли нив на турските волци,“ објаснува аналитичарот од Центарот за нова американска безбедност, Николас Херас.

Иако судирот нема да предизвика некои значителни американски жртви (или воопшто нивни жртви), она што најверојатно ќе страда се долгорочните планови на САД за отстранување на Башар ал-Асад и спречување и намалување на иранското влијание во земјата.

Американците истовремено се вознемирени и што во 2018 „режимот на Асад е покомфорен во главниот град на Сирија од кога и да е од почетокот на кризата“.

30 јануари 2018 - 15:29