САД добија опомена пред исклучување од Саудиска Арабија

Ситуацијата е следна, ако администрацијата на Обама или Конгресот одлучат да донесат закон кој ќе овозможи саудиските власти да одговараат пред американските судови за каква било поврзаност со 11-ти септември, кралството ќе продаде американски хартии од вредност во износ од стотици милијарди долари.

До сега се знае дека администрацијата лобираше за блокирање на донесувањето на законот, и дека функционери од Стејт Департманот и Пентагон ги предупредуваа сенаторите на дипломатските и економските проблеми што би произлегле од законот.

Пораката од кралството минатиот месец ја пренесува саудискиот министер за надворешни работи, Адел ал-Џубеир, објаснувајќи дека заради хипотетички страв од замрзнување на нивниот имот во САД (во случај на тужба против Саудијците) тие би морале да продадат над 750 милијарди долари во американски обврзници и сличен имот.

Според повеќе економисти, самиот обем го прави овој потег малку веројатен, бидејќи е тежок за изведба и на крај сериозно би ја осакатил и саудиската економија.

Втора работа што ја вознемирува американската администрација е дека ваков закон би создал сериозни нови правни проблеми за Американците во странство.

Ваквата позиција на администрацијата создава прилично голем гнев кај семејствата на загинатите во 11-ти септември, кои го обвинуваат Обама дека постојано е на страна на кралството и ги попречува нивните обиди "да дознаат она што тие сметаат дека е вистината за улогата на одредени саудиски функционери во терористичкиот напад."

16 април 2016 - 12:17