"Уште полошо, сегашните кандидати нудат жртвени јагниња наместо решенија, и ветуваат решенија кои не е можно да ги испорачаат. Наместо да објаснат како ќе ја прекинат поделбата што го онеспособи Вашингтон, тие само ја засилуваат дисфункционалноста," пишува Блумберг.
Тој наведува дека во целото безумие американските гласачи гледаат како водечките демократски кандидати ги напаѓаат политиките кои создале напредок за време на претседателот Бил Клинтон (поддршка за трговијата, намалување на дефицитот...). Додека во меѓувреме водечките републикански кандидати ги напаѓаат политиките кои создале раст за време на владеењето на Реган (имиграциска реформа, компромиси околу даноците и поддршка за двостран буџет).
"И двајцата претседатели беа решавачи на проблемите, а не идеолошки пуританци. И, и двајцата ја придвижија земјата напред на важни начини," објаснува Блумберг.
За сите кои го поттикнувале да се кандидира како независен кандидат, и сите кои инсистирале дека тоа е негова патриотска должност најмногу заради сегашните кандидати, Блумберг објаснува дека му е сосема јасна должноста, потребата и жртвата на работење во јавна служба, меѓутоа:
"Кога ќе ги погледнам податоците, јасно ми е дека и да влезев во трката, не можев да победам. Јас верувам дека можам да победам во неколку сојузни држави, меѓутоа не во доволен број за да ги добијам 270-те електорални гласови потребни за освојување на претседателската позиција.
Во 3-страна трка, малку е веројатно дека кој било кандидат ќе освои мнозинство електорални гласови, и тогаш правото на избор на Претседател ќе биде одземено од рацете на Американците и префрлено на Конгресот."
Што се однесува до двајцата републикански кандидати, идеологија која нему му е поблиска од онаа на демократите, тој прво објаснува дека има пријателски однос со Трамп, меѓутоа дека неговата кандидатура е најдемагошкиот настап што тој го памети, и се базира на стравовите и предрасудите на луѓето. Тој ги спомнува забраната за влез на имигранти во земјата, и ветувањето за депортација на милиони Мексиканци, и двата плана според Блумберг ќе имаат крајно погубни резултати за САД како надвор, така и внатре.
Анализата на ставовите на Тед Круз, покажува дека иако тој не е така гласен како Трамп, неговото одбивање да се спротивстави на протерувањето странци врз основа на нивната религија не е ништо помалку штетно за САД.
"Како и да е, нема да останам нем на заканата што партиската поделба ја преставува за нашата држава. Не сум подготвен да поддржам кандидат, ама ќе продолжам да барам од гласачите да ги отфрлаат сите поделби и да бараат од кандидатите да понудат интелигентни, конкретни и реални идеи за надминување на поделбите, решавање на проблемите, и да ни дадат искрена и способна влада како што заслужуваме," пишува Блубмерг.