Путин во Пекинг го комплетира пресвртот од Европа кон Кина

Санкциите воведени од Западот поради војната во Украина практично ја турнаа Русија во кинеска прегратка. Евтиниот увоз на енергија од Русија со децении ѝ обезбедуваше конкурентност на европската индустрија. Во изминатите четири години руската нафта и гас течат кон Кина. Само Пекинг, поучен од примерот на Европа, внимава да не претера со зависноста.

Четвртата посета на Владимир Путин на Кина откако почна војната во Украина ја одбележува фундаменталната промена во геоекономската ориентација на неговата земја. Русија влегува во нееднакво партнерство со суперсилата на Истокот, што воедно го илустрира и економскиот пад на Европа.

На врвот на европско-руските економски односи во 2013 година, пред да почне конфликтот во Украина, надворешната трговија на ЕУ со Русија изнесуваше речиси 400 милијарди долари. До 2025 година, се намали на само 64 милијарди долари. Падот во споредба со 2021 година е 80%.

За споредба, руската трговија со Кина во 2013 година беше речиси 90 милијарди долари, во 2020 се зголеми на 108 милијарди, па на 245 милијарди долари во 2024 година - зголемување од 170%.

Бројките ги одразуваат геополитичките превирања, преструктуирањето на енергетските пазари и длабоката структурна трансформација на двете економии. Порастот од 2022 година беше директна последица на западните санкции против Русија. Отсечена од западниот финансиски систем и западните технологии, земјата се сврте кон својот источен сосед. Кина, пак, најде алтернатива на своите традиционални пазари.

Карактеристична линија на кинеско-руските економски односи е нивната нерамнотежа. Со избувнувањето на војната во Украина, масовно се зголеми извозот на руска енергија во Кина. Поради тоа трговскиот биланс покажа дефицит во корист на Русија во 2022 и 2023 година. Во 2024 година, ситуацијата се смени; Кина постигна рекорден суфицит од приближно 55 милијарди долари. Ова е резултат на наглото зголемување на кинескиот извоз на индустриски стоки, особено автомобили и машини, заедно со падот на цените на енергијата.

Енергетиката сепак останува доминантен сектор. Додека 51% од извозот на руска сурова нафта отиде во ЕУ, во 2024 година се намали на само 12%. Алтернативи станаа земји како Кина и Индија, кои одбиваат да се придржуваат кон политиките за санкции на глобалниот Запад. Но, со значителни попусти на цените.

Кинескиот увоз на сурова нафта од Русија, кој изнесуваше околу 1,7 милиони барели дневно во 2020 година, се зголеми на 2,2 милиони барели до 2024 година. Фактот дека нивната вредност падна за речиси една петтина во 2025 година се должи на цените на светскиот пазар и попустите до 18%.

Извозот на гас, исто така, драматично се зголеми. Во 2025 година, гасоводот „Моќта на Сибир 1“ го достигна својот полн капацитет од 38 милијарди кубни метри годишно. Русија сега е најголемиот снабдувач на природен гас во Кина. Испорачува повеќе гасоводен гас од претходниот лидер, Туркменистан, и повеќе нафта од Саудиска Арабија.

Големи промени има и во трговијата со автомобили. По повлекувањето на западните компании од Русија, продажбата на кинески возила експлодираше: од 57.000 нови регистрации во 2020 година на над 1,1 милион во 2024 година. Пазарниот удел на кинеските патнички автомобили достигна 58%. Во 2025 година, извозот на кинески автомобили во Русија се преполови на само 685.000, пред се порани заситеност на пазарот, но и поради жалби на квалитетот, особено на отпорност на возилата од корозија.

Сличен тренд го карактеризира и пазарот на градежни машини. По повлекувањето на западните добавувачи како „Катерпилар“ и „Либхер“, кинескиот извоз се зголеми за повеќе од 60% помеѓу 2020 и 2024 година. Багери, кранови и булдожери од Кина сега се сеприсутни во руските рударски операции и на градилиштата.

Севкупно, бумот во кинеско-руските трговски односи заврши во 2025 година. Двете страни ја признаваат својата меѓусебна зависност во геополитичкиот судир против „колективниот Запад“.

Иако Кина се чини супериорна како економска сила, Русија поседува клучна моќ како сигурен снабдувач на енергија. Тоа особено се потврди со затворањето на Ормускиот проток поради војната на САД и Израел против Иран.

Кина, исто така, сега знае какви последици од претераната зависност од руска енергија претрпе Европа.

20 мај 2026 - 08:57