Прашање од 300 милијарди долари: Што со замрзнатите руски пари?

Милијардите што ѝ ги замрзнаа на Русија, европските земји ги чуваат како „златна кокошка“ за да го полнат фондот за реконструкција на Украина. Британија и ЕУ сега бараат да ја запленат и главнината и да ја потрошат на одбраната. Како да забораваат дека парите се туѓи, без оглед дали се руски. И дека никој потоа нема да има доверба да чува ни цент во Европа.

Британија и Европската Унија ги забрзуваат разговорите како да ги запленат 300-те милијарди долари од блокирани руски сметки и да ги употребат не само за реконструкција на Украина, туку и како инвестиција во одбраната.

Шефовите на дипломатиите Дејвид Лами и Каја Калас најавија дека разгледуваат „иновативни начини“ за да обезбедат средства за зајакнување на воената готовност. Првиот чекор е да се утврди дали има правна основа да се запленат руски средства во износ од речиси 300 милијарди долари.

Европската Унија досега замрзнала сметки на Руската централна банка во вредност од околу 210 милијарди евра, главно во обврзници и кеш. Најголемиот дел (183 милијарди) се во белгиската куќа за финансиски трансакции Еуроклир. Уште околу 70 милијарди евра се замрзнати во финансиски институции во Британија, Франција, Швајцарија, Јапонија, Канада, Австралија и Сингапур.

Групата седум најразвиени земји веќе префрла приходи од каматата на замрзнатите средства во специјален фонд за долгорочна поддршка и реконструкција на Украина. Во овој фонд лани беа префрлени 4 милијарди евра, а до 2027 година се очекува да бидат издвоени уште 15 до 20 милијарди евра. Главнината не е чепната.

Британија, Полска и балтичките земји инсистираат да бидат конфискувани замрзнатите средства „за да се надомести огромната штета (проценета на 524 милијарди долари) што Украина ја претрпела од руската инвазија“. 

Некои правни експерти тврдат дека нема голема разлика помеѓу собирање на каматата од обврзниците и запленувањето на сите руски средства во вкупна вредност од околу 300 милијарди долари. Тоа може да се направи преку контрамерки, согласни со меѓународното право. 

Тие велат дека така било направено со конфискуваните средства на Ирак по инвазијата врз Кувајт и со германските средства по Втората светска војна. Но, конфискувањето било спроведено дури кога завршија војните и било дел од мировните договори.

Москва веќе предупреди дека запленувањето на замрзнатите руски средства ќе го смета за „грабеж“, на кој ќе одговори со запленување на сите средства на околу 1.800 компании од западните земји во Русија.

Европската централна банка реагира дека конфискацијата би ја поткопало довербата во еврото, што ќе наштети на финансиската стабилност на Еврозоната. При такво сценарио, земји како Кина или Саудиска Арабија би можеле да ги продадат европски обврзници, што ќе го зголеми притисокот врз најзадолжените европски земји.

18 март 2025 - 14:22