Дејвид Хајд (22) дошол во Женева дури од Нов Зеланд, за да работи на престижна позиција - стажист во Обединетите нации. Но неговите трошоци за престој во овој град биле толку високи што тој одлучил да протестира, живеејќи во шатор блиску до зградата во којашто работи. Оваа приказна минатиот месец го обиколи светот, иако Хајд на крај сепак даде оставка со образложение дека после сета врева веќе нема да може да работи во оваа организација. Освен тоа, изјави дека се чувствува непријатно заради незаслужената популарност - кога бел маж од средната класа од развиена земја живее во шатор за да привлече внимание кон неговата неплатена работа е вест за првите страници, а тоа што илјадници луѓе од неразвиените земји се секојдневно експлоатирани не е.
За разлика од него, Анант Бан од Индија не се најде на насловните страници во 2005, кога сфати дека не може да аплицира за неплатеното стажирање во Светската здравствена организација. Бан, кој сега има 35 години, тогаш само што магистрирал на Универзитетот во Торонто, за што добивал стипендија. Според него, трошоците за неплатено стажирање во места како Женева или Њујорк се преголеми за воопшто да се размислува за нив. „Тажно е што веќе 10 години ситуацијата е сè уште иста: системот е неправичен во однос на оние кои се од сиромашните делови од светот", вели тој.
Декларацијата на ОН за човекови права вели дека „секој кој работи има право на правичен и соодветен надомест, кој ќе му обезбеди нему и на неговото семејство достоинствен живот". Стажистите на ОН очигледно не спаѓаат под категоријата „секој". Во 1997 Организацијата изгласа „резолуција" која забранува плаќање на хонорарците во нивните редови, што всушност беше инструкција за администрацијата, која само ја опишуваше ситуацијата која траела со години.
Во 1996, пред „резолуцијата", бројот на стажисти во ОН изнесуваше 131. До 2014 порасна на 4.018. Во организација со 44.000 вработени неплатените стажисти денес изнесуваат околу 10% од персоналот. Оваа група е прилично нерепрезентативна за светското население. Иако Европа прави само 12% од светското население, во 2007 43% од сите стажисти во ОН биле од Европа. Развиените народи чинат 15 од светското население, па сепак 59% од стажистите во 2007 биле од нив. За контраст, Африка е 15% од светското население, а членовите на африканските народи заземале 12% од стажантските места.
Во писмо испратено до Генералниот секретар Бан Ки-мун оваа година, се бара стажистите да добиваат стипендии (тие дури и не бараат еднаква плата за еднаква работа, целото писмо тука). За иронијата да биде поголема, во текот на интервјуата за стажантските места кандидатите треба да покажат дека се посветени на „вредностите на ОН".
Од друга страна, ако некој сака да работи во развојниот сектор стажирањето е речиси незаобиколен чекор кон ваква кариера. Се работи за високо компетитивна област, а недостатокот на искуство од стажирањето се смета за голем минус.
Јан Ричардс, претседател на комитет на персоналот вработен во ОН, се согласува дека организациите кои бараат неплатена работа како некаква цена за идно можно вработување си пукаат во нога. „Една разумна проценка", вели тој, „покажува дека стипендија за сите стажисти би изнесувала 0.1% од буџетот на ОН. Ова се случува во момент кога Генералното собрание треба да разгледува предлог за 10 процентно покачување на примањата на најплатените директори".
Неговиот, и заклучок на онеправданите стажисти и оние кои би сакале да бидат тоа е - ако ОН сака да се бори против нееднаквоста треба да си почне од себеси.