А вистината е, откако ги елиминиравме сите невозможни сценарија, дека најмалку неверојатен исход од војната во Украина е победа на Русија.
Забележете дека не реков дека таков исход ќе биде посакуван. Неизбежната победа на Русија е сè освен тоа. Ниту пак реков дека ќе биде тотална победа. Исходот од војната нема да ги исполни првичните надежи и очекувања на Кремљ. Ниту пак реков дека тоа ќе биде без значителна штета за Русија. Секоја поимлива руска победа сега ќе вклучува таква загуба на крв и богатство што во најдобар случај ќе треба да се води како Пирова.
Меѓутоа неспорно ќе биде победа - и ние на Западот подобро да се помириме со таа тешка вистина.
Ајде да почнеме да го елиминираме невозможното.
Првиот нереалистичен исход е сведувањето на Украина на вазалска држава на Руската империја. За постигнување на ова е неопходна првичната операција што ја замисли Кремљ: брзо обезглавување со силен воен удар, поставување про-московски режим во Киев и или формално вклучување на Украина во Руската Федерација или нејзино неформално вклучување во руската сфера на интерес (како Белорусија).
Иако веројатно првична цел на руската „специјална воена операција“, ваквиот исход сега очигледно е невозможен. Русија ја немаше способноста да ја наметне оваа замисла во февруари, и е значително помалку способна да ја наметне 100 дена подоцна. Всушност и самите Руси го признаваат барем ова. Нивната реторика и воена операција покажуваат дека дури и тие веруваат дека ваквиот исход е вон рамките на возможното.
Второто невозможно сценарио е целосен пораз на руската војска и враќање на Украина на границите од пред 2014. Во ова сценарио, украинската војска, која ја запре првичната руска офанзива, започнува успешна контра-офанзива која на крај ги протерува Русите не само од териториите што ги освоија во 2022, туку ги брка и од Донбас и од Крим. Резултат на ова ќе биде независна Украина вратена во нејзините меѓународно признаени граници и слободна да му се приклучи на НАТО и/или Европската Унија, ако тоа го посака.
Иако овој исход има голем број поборници во и вон Украина, тој едноставно е невозможен. Какви мани и да покажаа руските сили во првичната фаза од војната - кога тие беа сопрени пред портите на Киев, а потоа и целосно протерани од северот на државата - последните случувања на военото поле покажаа дека тие постигнаа стабилност и нема да може да бидат истуркани вон териториите освоени во 2014.
Всушност, нема причина да се верува дека тие ќе бидат мрднати и од најголемиот дел од територијата што ја освоија на брегот на Азовото море. Иако без сомнеж ќе има промени на военото поле како резултат на офанзивите и контра-офанзивите, соодносот на силите едноставно не претскажува тотална победа за Украина. Па, и покрај свесните заблуди на некои и идеалистичките надежи на други, овој исход едноставно е невозможен.
Третото и последно невозможно сценарио е ограничена украинска победа која ќе го врати најголемиот дел од териториите што Русија ги освои од 24 февруари. Во ова сценарио иако Донбас и Крим остануваат во руски раце, целата територија освоена во неодамнешната руска ре-инвазија ќе биде ослободена од украинските сили и вратена под украинска контрола.
Иако некогаш се сметаше за реалистичен исход, до сега треба да е очигледно дека тоа е невозможно. Како што Украина ја нема способноста да ги ослободи своите територии од пред 2014, така нема капацитет да ги ослободи ниту неодамна изгубените територии во Донбас и по брегот на Азов. За разлика од северот на Украина, овие територии се главни за руските интереси во Украина, и како такви, Русија едноставно нема да се повлече од нив како што се повлече од Киев на почетокот од војната. Ниту пак украинските сили - кои трпат страшни загуби по целата должина на фронтот и секој ден се повеќе слабеат - се доволно силни за да ги присилат Русите да се повлечат. Не, како и претходните две сценарија, и ова едноставно е невозможност.
И тоа нè остава со само еден веројатен исход: фрагментирана и делумно разделена Украина, која ниту е целосно дел од Западот ниту е целосно под руската сфера на интерес. Украина така фрагментирана што целиот Донбас и веројатно други територии ќе бидат оставени вон контролата на Киев; делумно разделена така што Крим ќе остане дел од Русија (барем во руските очи); и нема да биде целосно дел од Западот бидејќи нема да биде слободна да му се приклучи на НАТО или да има значително партнерство со ЕУ. Едноставно кажано, овој исход не само што не е невозможен, туку не е ни неверојатен.
И кога ова финално сценарио ќе биде прифатено, кој победил во Украина?
Па, нема да биде Украина. Иако таков исход ќе ги задоволи основните егзистенцијални цели на Киев, тој ќе биде далеку од максималистичките амбиции прокламирани пред и по 24 февруари. Не, кога ова сценарио ќе се оствари, тоа очигледно ќе биде пораз за Киев.
Исто така, ваков исход нема да ги задоволи максималистичките амбиции на оние во Москва кои мислеа дека нивниот првичен јуриш еднаш засекогаш ќе го реши украинското прашање. Меѓутоа ќе ги задоволи најосновните и фундаментални геополитички потреби: неутрализирана Украина вон геополитичкиот опсег на НАТО и геоекономската орбита на ЕУ. Исто така ќе го врати Крим на местото што заслужува да го има во Русија. И на крај, ќе демонстрира дека мешањето во природната сфера на влијание на Русија не е паметно. На овие начини, кога невозможното е елиминирано, исходот јасно ќе биде победа за Москва.
Сето ова покажува дека на крајот од денот можеби ќе биде неопходно малку да се адаптира афоризмот на Холмс. Барем кога е во прашање размислувањето за можните исходи од војната во Украина, тој би требало да гласи нешто како „кога ќе го елиминираш невозможното, што и да остане, без разлика колку неверојатно невкусно, тоа мора да е вистината.“