„Не плашете се, домашната политичка ситуација можеби ви изгледа опустошено но Тачеризмот може да биде премостен со акции на европско ниво. Брисел има план за социјална Европа која ќе ги заштити работниците, ќе го скроти капитализмот и ќе го сопре итањето кон дното“, им порача на британските синдикалци тогашниот претседател на Европската комисија, Жак Делор, во 1988 година.
Тоа е време кога Маргарет Тачер во полна сила го тера третиот мандат, левицата е во дефанзива, синдикалците фатално ослабени по поразот на штрајкот на рударите и донесените регулативи кои го стеснија нивниот маневарски простор.
Но, уверување на Делор дојдено од таа највисока ЕУ инстанца прави сите надежи да се свртат кон Брисел. Слични сентименти опстануваат и 30 години подоцна: Британските лабуристите денес се редат за да ја декларираат својата посветеност кон ЕУ и прогресивните социјални права кои само ЕУ може да ги заштити.
„Има само еден проблем во таа приказна. Што е комплетна глупост,“ пишува во матичниот Гардијан, Лери Елиот.

Според него, британската ситуација последниве 40 години е видоизменета од дерегулацијата и приватизацијата а не од лимитираната заштита од ЕУ која и онака секогаш е многу послаба во пракса отколку што звучи на ниво на принципи. ЕУ со прст нема мрднато околу некои од најдраконските анти-синдикални закони кои во меѓувреме беа донесени во Британија.
Елиот вели дека тоа никого не треба да изненадува бидејќи од најраните денови, темелните принципи на европскиот проект се во функција на олеснување на условите за капиталот, што е главната причини што мултинационалните компании се крстат во него. Тоа особено доаѓа до израз во време на кризи и невработеност, кога се бара пазарот на трудот дополнително да покажува „поголема флексибилност“.
И оние кои грчките работници ги уверуваа дека Брисел ќе им ги заштити правата сееја магла. Иако звучи чудно, токму ММФ беше оној кој ги скротуваше тврдолинијашките барања од Европската комисија и Европската централна банка, чиј императив не беше да се заштитат работниците во Грција, туку да се заштити профитот на банките.
„Идејата дека само Брисел може да застане пред лавината дерегулации е комплетно неразбирање на начинот на кој функционира ЕУ но и израз на еден ирационален страв на левицата, дека Конзервативците ќе останат на власт без разлика што тие правеле. На левицата не ѝ е потребна ЕУ за да ги води своите битки. Она што ѝ треба е да работи на подобрување на позицијата на работниците и да ја освои јавноста на која ѝ е преку глава од решенија во полза на работодавачите. Со малку самодоверба, тоа не би требало да е многу тешко,“ пишува економскиот уредник на Гардијан.