Претседателот Доналд Трамп ја нарече „прилично сериозна работа“ низата смртни случаи или исчезнувања на најмалку 11 американски експерти вклучени во напредни вселенски, одбранбени и нуклеарни истражувања во период од само неколку години. Трамп изрази надеж дека ова е „чиста случајност“, но ФБИ сепак најави истрага.
Сосема случајно, и во Кина се појави слична низа на ненадејна смрт на деветмина истакнати научници, на возраст помеѓу 26 и 68 години. Исто како и во САД, нема директни допирни точки помеѓу случаите. Извештаите и некролозите укажуваат дека тие загинале во сообраќајни несреќи, ненадејни здравствени епизоди и необјаснети инциденти. Факторот што ги поврзува е тоа што сите биле вклучени во проекти за хиперсонична технологија, вештачка интелигенција и вселенски истражувања.
Големо внимание по кинеските социјални мрежи своевремено привлече веста за мистериозната смрт на Фенг Јангхе, професор Националниот универзитет за одбранбена технологија и автор на пионерската платформата War Skull, која победи на национални натпревари на вештачка интелигенција. Фенг беше опишан како „ѕвезда на информатичката основа на одбранбениот сектор“ и бил вклучен во проекции на сценарија за воена инвазија врз Тајван. Загинал во мистериозна сообраќајна несреќа во Пекинг во јули 2023 година.
Најсомнително во случајот на Фенг било тоа што во некрологот на државната веб-страница за научни вести, Sciencenet.cn, се вели дека тој бил „жртвуван додека ги извршувал службените должности “. Бил погребан на гробишта во Пекинг резервирани за комунистичката елита, државните херои и паднатите револуционери.

- Во 2018 година во сообраќајка загинал Чен Шуминг (57), воен научник и експерт за микроелектроника, водач на кинескиот тим за истражување и развој на врвни чипови за оружје“.
- Во декември 2023 година загинал познатиот хемичар Џоу Гуанџуан (51), експерт за полимери и нивна практична примена. Во некрологот не е наведена причината за смртта.
- Во 2024 година во необјаснета „несреќа“ загинал Лиу Донгао (51), истакнат научник за податоци, пионер во областа на кинеските системи за управување со безбедност на податоците.
- Во декември 2024 година во Кина во сообраќајна несреќа загинал Џанг Сјаоксин (62) експерт во Националниот сателитски метеоролошки центар задолжен за следење на времето и системи за рано предупредување.
- Лани, од ненаведена причина, починал Џанг Даибинг (47), врвен експерт за дронови и поранешен заменик-директор на Институтот за истражување на беспилотни системи.
- Во ноември 2025 година по „ненадејна болест“ починал Ли Минјонг (49), меѓународно познат биомедицински хемичар, кој развивал иновативни лекови.
- Во февруари годинава при „ненадејна здравствена епизода“ во Јужна Африка починал Фанг Даининг (68), експерт за хиперсоника кој проучувал суперцврсти материјали за вселенски летала и напредни мотори на Пекиншкиот институт за технологија.
- Еден месец подоцна по „кратка болест“ починал уште еден истражувач на хиперсоника - Јан Хонг (56), која работела на Универзитетот Рајт Стејт во Охајо и планирала да се врати во Кина.
Феноменот поттикна шпекулации кои ги поврзуваат необјаснетите случаи со тивката научно-технолошка војна помеѓу двете суперсили.
Напредната технологија е премногу застапена во кластерите. Ако се отстранат некои од најголемите умови што работат на револуционерни проекти, тоа може да има ефект на одвраќање, изјави за Њузвик анонимен аналитичар од западен тинк-тенк, специјализиран за одбранбени прашања за Кина.
Кон ваква претпоставка наведува историјата на таргетирање на научници заради политички или воени цели. Најтипичен е примерот на Мохсен Фахризадех Махабади, нуклеарниот физичар што важеше за шеф на иранската нуклеарна програма. Во ноември 2020 година неговиот обезбедуван конвој налета на заседа поставена од агенти на Мосад и беше изрешетан од автономен моќен митралез управуван од далечина.
Мосад претходно ликвидирал уште петмина ирански научници – со отров, поставено бомби или атентатори на мотор. Уште неколкумина загинаа во израелско-американските бомбардирања на Техеран лани во јуни.
******
Види и: Еден по еден, снема десет луѓе со пристап до најголемите тајни на САД