Стивен Гарсија, 48-годишен чувар во комплекс за национална безбедност во Ново Мексико, е десеттата жртва во вознемирувачката низа на необјаснети смртни случаи или исчезнувања поврзани со НАСА и нуклеарни програми на САД.
Речиси една година откако му се изгубила трагата, објавено е дека Гарсија последен пат бил виден како заминува пеш од својот дом во Албукерки на 28 август 2025 година, носејќи со себе само пиштол. Во куќата ги оставил мобилниот телефон, паричникот и клучевите. Колегите го опишале како „потенцијална опасност за себе“, но не е пронајдена никаква трага во поширок круг околу неговиот дом.
Гарсија бил цивилно лице ангажирано од владата во Кампусот за национална безбедност „Канзас Сити“ (KCNSC) – голем комплекс во Албукерки кој произведува повеќе од 80% од сите ненуклеарни компоненти за нуклеарното оружје на САД. Позицијата на чувар му дала на Гарсија безбедносен сертификат од највисоко ниво и пристап до сите нуклеарни тајни во комплексот и до опрема вредна стотици милиони долари.

На сличен начин на 27 февруари годинава, исто така во Ново Мексико, исчезнал и Нил Мек Касленд, пензиониран генерал-мајор од Воздухопловните сили. Локалниот весник Албукерки журнал објави дека по Мек Касленд (68) е објавена „сребрена тревога“. Не е познато што носел на себе или каде се упатил. Тој бил на разни позиции поврзани со вселенски и сателитски програми, како и извршен секретар на Комитетот за надзор на програмите за специјален пристап (SAPOC). Документи од Викиликс укажуваат дека во администрациите на претседателите Бил Клинтон и Барак Обама генералот бил вклучен во доверливи воени проекти поврзани со неидентификувани летечки објекти.
Нема јавно потврдени официјални врски помеѓу случаите, но географски се групирани во Ново Мексико и Калифорнија. Повеќето исчезнати лица се поврзани со Лабораторијата за млазен погон (JPL) на НАСА, со Националната лабораторија Лос Аламос или со Лабораторијата за истражување на воздухопловните сили, со комплексот во Розвел и воздухопловната база Рајт-Патерсон. Луѓето работеле на проекти што вклучуваат одбрана од астероиди, развој на вселенски ракетни мотори и класифицирани воздухопловни системи.
На дискусиите на социјалните мрежи се шпекулира со теории дека се жртви на странски разузнавачки операции од Кина или Русија, со цел откривање или неутрализирање на напредни технологии. Поекстремните теории се дека се жртви на кампања за замолчување на лица со пристап до доверливи информации за вонземна технологија во период кога Конгресот бара објавување на воените документи и снимки за неидентификувани аномалии и феномени. Се поврзуваат, на пример, со проекти на НАСА, на Министерството за енергетика и Воздухопловните сили за развој на напредни легури или погонски системи.

Знам дека ова звучи лудо, но тука може да биде опција, дали владата го прави ова? Дали ги убиваат сопствените луѓе поради нешто? прашува Лорен Конлин од Los Angeles Magazine.
Помала, но гласна група шпекулира дека екстремниот стрес од работата со највисоки овластувања го зголемува ризикот од ментални кризи, но критичари ја отфрлаат оваа теорија поради големиот број на случаи за кратко време.
Републиканските конгресмени Ерик Барлисон и Тим Барчет побараа од ФБИ да отвори истрага за да запрат шпекулациите.