Денвер пак изгуби, Јокиќ направи хаос на паркетот

Кошаркарите на Минесота повторно го совладаа Денвер Нагетс, овојпат 112:96 и се на само чекор да ги исфрлат Нагетс од доигрување за титулата и пласман во полуфинале на Западната конференција во НБА.

По првиот триумф на Денвер Нагетс на домашен паркет, Минесота Тимбервулвс забележа дури три победи по ред, со еден триумф на гости во Колорадо и две дома во Минеаполис.

Натпреварот го реши резервистот на Минесота Тимбервулс Ајо Досунму кој неочекувано од клупа за резерви влезе и постигна дури 43 поени!

Никола Јокиќ имаше добра партија со 24 поени, 15 скока и 9 асистенции а на крајот не му се допадна потегот на Џејден Мекданиелс кој цела серија го провоцира Јокиќ и соиграчите.

Тој кога натпреварот веќе беше решен на крајот реши да искористи ситуација што сите се повлекоа, отиде и положи за нов кош. Поради тоа но и поради еден крајно глупав и намерен фаул на Мекданиелс уште на почетокот на серијата во Колорадо, Јокиќ му се пушти и едвај го разделија. Настана целосен хаос кај клупата на домашните.

Главен играч на домаќинот беше Ајо Досунму кој е право изненадување и сензација во оваа серија. Тој постигна дури 43 поени како резерва од клупата!

Инаку Минесота Тимбервулс за кратко време остана без нивниот лидер Ентони Едвардс кој се повреди во 18' минута и не се враќаше до крајот. До тогаш имаше 1/8 за три поени а од НБА стигнуваат вести дека тој имал незгодна повреда на коленото и дека би можел да ја заврши сезоната. Тој се повреди откако незгодно доскокна на десната нога во обид да го блокира Кам Џонсон.

Ди Винченцо, пак, излезе од игра уште во 79' секунда од средбата. Повредил Ахилова тетива.

Но ова парадоксално направи Досунму да влезе од клупата и да одигра натпревар за историја. Овој кошаркар во февруари стигна од Чикаго Булс и идејата со него беше да биде адут во одбраната. Тој стана играч со најмногу поени од клупа во доигрување за титула во последните 50-ина години во НБА.

Шутираше од игра 13/17, за три имаше 5/6 и од слободни фрлања 12/12. За 42 минути.

Кај Денвер покрај Јокиќ, Џамал Мареј уфрли 30 поени но со многу промашувања (10/25 од игра). Кај победникот Наз Рид имаше супер вечер со 17 поени, Џулиус Рендл додаде 15 а посочениот Мекданиелс 12 поени.

Серијата сега се враќа во Колорадо каде ќе се игра следниот натпревар каде Денвер ќе се обиде да остане во игра.

26 април 2026 - 09:02