Агенцијата Ремитли, која го спроведе глобалното истражување во март, укажува дека рангирањето на нациите според љубезност не ја отсликува реалната ситуација, туку е мерка на перцепцијата кај гостите и домаќините. Ваквите рангирања сепак имаат влијание врз странците во очекувањата за гостопримството и секојдневните интеракции.
Со истражувањето биле опфатени 4.697 испитаници во 26 земји од сите континенти. Се произнесувале врз основа на разни фактори, главно од туристичките искуства и од односи со деловни партнери.
Пониското рангирање во перцепциите за учтивост не значи високо рангирање во дрскост или неучтивост. Резултатите едноставно одразуваат кои нации луѓето најмногу ги поврзуваат со љубезноста, објаснуваат авторите.
Убедливо на првото место на најљубезни земји, со над 35% од сите гласови, е Јапонија. Приближно толку гласови добиле сите други земји од второто до десеттото место – заедно.
Љубезноста има видлива улога во секојдневниот живот во Јапонија. Земјата долго време се поврзува со култура на почит и социјална хармонија. На пример, поклонувањето не се користи само за поздравување на луѓето, туку и како знак на почит. Јазикот е исто така изобилува со учтиви изрази, што зајакнува важноста да се биде внимателен кон другите, забележуваат авторите.

На второто место според истражувањето е Канада, која за најљубезна нација ја оцениле 13,35% од испитаниците, а на третото е Британија, со 6,23%. Кина на четвртото место е на границата од 3%.
Иако Канаѓаните ги бие глас дека се извинуваат за работи што се надвор од нивна контрола, стереотипот е претерано поедноставување на разновидно општество, при што учтивоста и внимателноста сè уште играат важна улога во секојдневните интеракции, забележува Ремитли.
За утеха, Канада освоила најмногу гласови (10,5%) на прашањето која земја е „најпријателска“ во светот. Меѓу првите пет на оваа листа се и Бразил (7,96%), Австралија (5,1%), Јапонија (4,94%) и Шпанија (4,9%).
Листата на најљубезни нации е сосема поинаква кога испитаниците ги рангирале сопствените земји. За најљубезни, со просечна оцена од 9,46 поени (од максимални 10) се сметаат Бразилците, иако на глобалното рангирање се на 21 место, и Чилеанците, кои ги нема меѓу 25-те најљубезни земји. Јапонците, пак, за себе дале просечна оценка на љубезност од 8,73 со која се на 25-то место во светот.
