Во Франција во 2026 биле киндапирани над 40 сопственици на крипто

Само во првите три и пол месеци од годинава во Франција биле киднапирани над 40 луѓе заради откуп во криптовалути. Обвинети се 88 луѓе. Работата на криминалците им ја олеснуваат слабата заштита на приватните податоци, а мошне веројатно и корумпирани бирократи, кои продаваат чувствителни информации на црниот пазар. Компромитирани се 23 милиони сметки.

Бранот киднапирања на сопственици на криптовалути или на нивни најблиски почна при крајот на 2024 година, кога криптовалутите сè уште беа маргинални. Интензитетот се зголеми во 2025 година, кога беа пријавени околу 30 случаи, изјави Анабел Вандендриш, раководителка на Службата за информации, разузнавање и стратешка анализа на организиран криминал (Сираско) при Министерството за внатрешни работи.

Од почетокот на оваа година до средината на април веќе биле киднапирани 41 лице, вклучувајќи и десет малолетници. Жртвите биле држени во заложништво со часови или со денови. Киднаперите барале откуп исплатен во криптовалути. Целта понекогаш е да се откријат шифри за пристап до сметките.

Начинот на работа и методите на таргетирање варираат. Операциите главно се организирани во странство. Имињата на целите понекогаш им се откриваат на оперативците на терен во последен момент, објаснува Филип Чадрис, заменик-национален директор на судската полиција.

Француските обвинители објавија дека подигнале обвиненија против 88 лица за 12 случаи на киднапирања на сопственици на сметки со криптовалути или на нивни најблиски.

Пред една недела жена и нејзиниот 11-годишен син биле киднапирани во Бургундија и бил побаран откуп во криптовалути. Киднапираните биле ослободени во операција во која учествувале стотина полицајци, при што биле уапсени седум мажи. Во почетокот на април пет лица киднапирале крипто инвеститор. Полицијата подоцна ги уапсила. 

Во еден особено морничав случај од јануари 2025 година, бил киднапиран францускиот крипто бос Дејвид Баланд, коосновач на фирмата Леџер проценета на повеќе од 1 милијарда долари. Киднаперите му го отсекле прстот на Баланд и побарале голем откуп пред да го ослободат следниот ден. Неговата девојка беше пронајдена врзана во багажник на автомобил близу Париз.

Павел Дуров, основачот на Телеграм, предупреди дека Франција е на пат да стане втората најхакирана земја во светот во 2026 година, што го олеснува пристапот на криминалци до чувствителни дигитални податоци на граѓаните. Од почетокот на годинава биле компромитирани 23 милиони дигитални сметки и 250 милиони записи.

Тој не ја отфрла можноста дека бирократи од даночните институции, кои имаат пристап до базите, им продаваат податоци на надворешни лица.

Сега државата бара дигитални лични карти и надзор врз приватните пораки на корисниците на социјалните медиуми. Ете зошто Телеграм попрво би го напуштил пазарот во Франција, отколку да им даде на корумпирани бирократи пристап до приватни пораки, укажува Дуров.

25 април 2026 - 08:56