Откако последните танкери што испловија од Персискиот Залив го доставија товарот до пристаништата низ светот, глобалните залихи на копно ќе почнат да опаѓаат со темпо што никој досега не го видел.
Американските залихи беа последните што почнаа да опаѓаат и тоа ќе биде забележано во извештајот за складирање идната недела. Откако пазарот ќе регистрира видливо намалување на залихите, цените брзо ќе се променат, се предупредува во извештај на фирмата за инвестициски истражувања HFI Research.
Ако Ормускиот теснец остане блокиран по април, никој нема да може да го процени врвот на цената на барелот, која нема да остане на 95 долари. Цените на нафтата ќе мора да достигнат доволно високо ниво за да компензираат прекини во снабдувањето од 11 до 13 милиони барели на ден.
Единствената алатка за балансирање на цената ќе биде уништување на побарувачката. Владите ќе бидат принудени да воведат политики за ограничување слични од времето на пандемијата на ковид. Дури и тогаш, тоа само ќе го компензира прекинот на снабдувањето и нема да создаде суфицит на пазарот, оценува HFI.
Во моментов, прекинот на работата на глобалните рафинерии е над 5 милиони барели дневно, од кои 3 милиони барели се концентрирани на Блискиот Исток. Азија и Европа го намалуваат капацитетот, но тоа не значи дека е намалена побарувачката кај крајните корисници е намалена.
До првата недела од мај, единствените азиски земји со вистински вишок на залихи на сурова нафта ќе бидат Јапонија и Кина. Сите други ќе мора да се борат за барели на пазарот. Ако Ормускиот теснец остане затворен, рафинериите ќе плаќаат каква било цена што можат да си ја дозволат, бидејќи алтернативата е затворање на погоните.

Во мај ќе стане очигледен недостатокот на сурова нафта и во Европа. Тогаш извозот на нафта од САД ќе биде во просек близу 5,5 милиони барели дневно, а залихите во ОЕЦД ќе го достигнат оперативниот минимум, според проценките.
До крајот на јули, комерцијалното складирање на сурова нафта во САД би можело да падне под 400 милиони барели - близу до оперативниот минимум. Во тој момент, администрацијата на Трамп ќе се соочи со дилема: да го забрани извозот на сурова нафта или да гледа како американските рафинерии се затвораат.
Кумулативното губење на складирањето поради затворањето на Ормускиот теснец беше 1 милијарда барели на крајот од март. Ова се зголемува на 1,2 милијарди барели до крајот на април, на 1,59 милијарди до крајот на мај и на 1,98 милијарди барели до крајот на јуни. Немаме доволно комерцијално достапна сурова нафта за толку голема загуба на снабдување. За да се спречи остварување на такво сценарио, нужно е да се уништи побарувачката, забележува HFI Research.