Непријатна вистина за креаторите на политики во Париз, Берлин и пошироко е дека зависноста на Европа од „Америка инкорпорејтед“ е во голем дел вина на самата Европа.
Децениите прекумерна регулација на економијата на стариот континент ги оставија бизнисите неспособни да се натпреваруваат со американските фирми, кои потоа ги победија европските дури и на нивен терен.
Она што Европејците не можеа брзо да го направат за себе (поради мноштвото регулативи), честопати брзо го увезуваа од странство. А не можеа заради бескрајните регулаторни обрачи за исполнување на амбициозните зелени цели, заштитата на приватноста, спречување на банкарските колапси или други цели кои секогаш имале своја цена.
За жал, шокот на Европејците колку се станати зависни - главно од САД но сè повеќе и од Кина - стигна доцна.
Зависноста е најочигледна кај технологијата. Европа има малку битни фирми за вештачката интелигенција, вселената или висококвалитетното компјутерство (еден исклучок е ASML, холандска фирма глобално витална за производство на чипови). Дури и владите честопати немаат голем избор освен да користат компании како Микрософт или Амазон за клауд услуги, Палантир за пребарување на податоци или СпејсИкс за лансирање воени сателити.
Донкихотовски обиди да се ослободат од зависноста има многу но завршуваат главно неславно: државни служби ќе решат да го заменат Виндоус и ќе одберат некоја несмасна замена.
Правилата на ЕУ се применуваа и на американските фирми, но регулацијата во пракса повеќе ги погодуваше европските фирми затоа што првите имаа армии персонал задолжен за усогласување и администрирање. На тој начин ЕУ генерираше бариери кои честопати завршуваа заштитувајќи ги американските гиганти.
Поткопувањето на европскиот суверенитет е очигледно и во финансиите. Европските банки на кои им е потребно финансирање во долари долго време мораа да ги спроведуваат наредбите на Вашингтон, на пример, применувајќи американски санкции.
Некои други зависности беа самонаметнати. Неколку илјади европски банки некогаш заеднички поседуваа панконтинентален систем за плаќање (познат како „Виза Европа“ во кој единствениот американски елемент беше името кое веќе беше лиценцирано од глобалниот бренд). Но, регулативите на ЕУ ги ограничуваа профитите на секторот па го направија тој бизнис непривлечен за банките, за на крајот бизнисот во 2016-та да им се продаде на Американците од Виза. Така се роди нова зависност.
Дури и помалку креативни делови од економијата се регулираа себеси во потчинетост на странците. Во 1990-тите, ЕУ увезуваше само половина од природниот гас што го користеше, делумно благодарение на домашното производство во места како Холандија. Заплетканоста на националните и правилата на ЕУ го отежнуваше дупчењето па многу земји се откажаа. Денес 85% од целиот гас што се користи се увезува, над една четвртина од Америка.
Други нови индустриски проекти често е невозможно да се започнат во Европа. ЕУ деновиве се грижи за пристапот до критични суровини, за кои главно зависи од Кина. Европа има наоѓалишта, но добивањето еколошки и други дозволи за нивно вадење - според ревизорите на ЕУ -може да потрае до 20 години.
Земено поединечно, секој дел од евро-регулативата е добар и има логика, но земени заедно, ефектот е заплеткување на бирократија што ја остава Европа закочена и неефикасна.
„Се прават напори да се справиме со некои од зависностите; следниот месец треба да го дознаеме „пакетот за технолошки суверенитет“. Но, останува да се види дали Европа може да остане суперсила во донесувањето правила, а да коленичи за сè друго што е важно“, пишува Економист.