
„Искоренувањето на проблематичните имиња и симболи кои моментално се на зградите и улиците низ градот е вреден подвиг. Само добро може да произлезе од тоа што ќе имаме јавност свесна за моќта на зборовите, имињата и реториката во рамките на нашите јавни институции,“ изјавува учителот во прво одделение и претседател на комитетот на менување имиња, Џеремаја Џефрис.
Вака фино склопената реторика, која колку што е нејасна толку може да се употреби во секоја ситуација, го зафаќа и американскиот претседател и еден од носечките позитивни ликови на американската држава. Намерата на комитетот е да се сменат имињата на 44 училишта, дел од кои „е логично да се сменат бидејќи Томас Џеферсон и Џејмс Монро беа сопственици на робови“ а децата треба да ги носат нивните имиња на својата облека.
Контроверзата е одлуката ова да го опфати и Абрахам Линколн, кој на списокот се нашол „без никаква дискусија“. Тој едноставно ги исполнувал предусловите за менување на името, па кога бил споменат од членовите на комитетот веднаш се нашол на списокот.
Она што му се замера на Линколн е неговиот однос кон Индијанците, кога како претседател на САД испраќа војска да го задуши востанието на Сијуксите на северозападот на САД, плус изградбата на транс-американската железница која предизвикала загуба на индијански територии и луѓе.
Линколн, чиј дедо бил убиен од Индијанците, пред очите на татко му и чичко му, потпишал и бесење на 38 припадници на Сијуксите заради напаѓање на фарми на белци. Олеснителна околност во ова е што првичниот список што му бил испорачан на Линколн бил со вкупно 303 Сијукси.
Локалните власти некаде на почетокот од следната година ќе гласаат околу бришењето на Линколн, а во меѓувреме Џефрис на јавноста и порачува „сама да истражи, посебно околу Линколн.“