Калифорнија ќе забрани работни плочи од токсичeн вештачки камен

Широко користени поради нивниот елегантен изглед и значително пониската цена на производство во споредба со природните материјали, работните плочи од вештачки камен се основен елемент во модерните домови. Но, под полираните површини се крие опасна белодробна болест – силикозата, за која нема лек и често пати има фатални последици.

Калифорнија е првата сојузна држава во САД што планира да забрани производство и монтажа на работни плочи од вештачки камен. При овие процеси се распрснува ситна токсична прашина што предизвикува потенцијално фатална белодробна болест силикоза. Случаите на силикоза кај работници во Калифорнија скокнаа од 69 ​​во 2022 година на 542 годинава, со 29 смртни случаи.

Три компании уште при крајот на 2022 година откриле кластер на силикоза кај вработени што произведуваат работни плочи од вештачки камен во погон во јужна Калифорнија. Пет месеци откако првичните случаи беа пријавени од Public Health Watch, Одделот за јавно здравје на Калифорнија потврди 69 случаи на силикоза низ целата сојузна држава. До април, тој број пораснал на 542, од кои 29 завршиле фатално. Повеќе од половина од регистрираните случаи (279) биле од округот Лос Анџелес.

Силикозата е предизвикана од вдишување на пулверизиран силициум диоксид, еден од најчестите минерали на земјата. Токсинот доаѓа од кварцот, кој се дроби и се меша со смоли и пигменти за да се направи вештачки камен, кој е поевтина, поразновидна алтернатива на гранит или мермер. Состојките се истураат во калапи заради масовно производство на плочи за работни површини.

Кога плочата се сече, се меле или се полира како подготовка за инсталација, штетниот прав се ослободува во воздухот и се вовлекува во белите дробови на работниците, се таложи и предизвикува бавно задушување. Не постои лек за силикоза; единствената постапка што може да им купи време на некои жртви е трансплантација на две белодробни крила, што е скапа и сложена операција и ретко го продолжува животниот век над 10 години.

Одборот за заштита при работа пред две и пол години усвои нов стандард со кој се бара од работодавачите да ја неутрализираат со вода токсичната прашина од силициум диоксид и да преземат други заштитни мерки. Но, инспекциите спроведени по воведувањето на мерката откриле повеќе од 580 прекршувања.

Реагирајќи на петиција на која се потпишани над 600 лекари, Одборот за стандарди на Калифорнија во мај ќе гласа за целосна забрана на производство и монтажа на работни плочи од вештачки камен. 

Австралија го забрани материјалот во 2024 година откако помина низ епидемија на силикоза во која се починаа повеќе од 1.000 луѓе.

Откако Австралија го забрани материјалот, неговото место го зазедоа алтернативи со ист квалитет и изглед, но без кристален силициум диоксид. Овие побезбедни производи може да бидат брзо достапни на пазарот во Калифорнија, без значителни економски последици за фабричките бизниси и работниците, се истакнува во петицијата.

25 април 2026 - 10:07