Трамп за „непослушните“: Шпанија надвор од НАТО, Фолкландите за Аргентина

Во внатрешен меморандум што кружи низ Пентагон се наведени казните што претседателот Доналд Трамп ги разгледува за сојузниците од НАТО што не им помогнале на САД во војната против Иран. Шпанија би била суспендирана од Алијансата, а на Британија би ѝ била откажана дипломатската поддршка за територијален суверенитет врз Фолкландските Острови.

Во неофицијалната белешка, која кружи меѓу највисоките офицери во Пентагон, се предвидуваат разни видови казни за земјите од НАТО што не придонеле доволно за војната во Иран. Некои „големи“ членки би останале без пристап до командни и политички престижни функции во Алијансата.

Во белешката се изразува фрустрација поради неподготвеност или одбивање на некои сојузници да им дадат на САД права за пристап до воени бази од Алијансата и прелети (АБО) на преку нивните територии за потребите на војната во Иран, изјавил анонимен функционер за Ројтерс.

Претседателот Доналд Трамп остро ги критикуваше сојузниците и поради тоа што одбија да испратат поморски сили во регионот заради деблокирање на сообраќајот на бродови низ Ормускиот проток. Авионските прелети се опишани како „апсолутна основа за НАТО“.

Во поранешни неофицијални извештаи беше потврдено дека Трамп не размислува сериозно за повлекување на САД од НАТО, но не исклучува затворање на американски бази на територијата на „непослушните“ сојузници, или нивно префрлање кај „повеќе послушните“.

Како што рече претседателот Трамп, наспроти сè што САД направија за нашите сојузници во НАТО, тие не беа тука за нас. Воениот оддел ќе се погрижи претседателот да има веродостојни опции за да се осигури дека нашите сојузници повеќе не се „тигар од хартија“ и дека ќе го одработат својот дел, коментираше портпаролот на Пентагон, Кингсли Вилсон.

Британија, Франција и други членки одбија да се приклучат на поморската блокада што САД подоцна ја наметнаа во Ормускиот проток, оценувајќи дека тоа би значело „влегување во војната“. Лондон и Париз изразија спремност да помогнат Протокот да биде отворен откако ќе се постигне траен прекин на огнот или кога војната ќе заврши. Функционери од САД на ова одговорија дека членството во НАТО не може да биде „еднонасочна улица“.

Особено голема е фрустрацијата од Шпанија, која и пред војната против Иран беше единствената членка на НАТО што одби да ги зголеми трошоците на одбрана на нивото што го побара Трамп. Откако почна војната, социјалистичката влада во Мадрид забрани Морнаричката станица Рота и Воздухопловната база Морон да се користат за операции против Иран. Шпанија, според меморандумот, би била казнета со суспендирање на нејзиното членство во Алијансата.

Ние не работиме со е-пошта. Ние работиме со официјални документи и владини ставови, во овој случај на САД, коментираше шпанскиот премиер Педро Санчез.

Меморандумот вклучува опција за преиспитување на дипломатската поддршка од САД за британските „империјални поседи“, како Фолкландските Острови за кои Британија војуваше со Аргентина во 1982 година. Стејт департментот официјално смета дека островите се под администрација на Обединетото Кралство, но од нив сè уште не се откажала Аргентина, чиј претседател Хавиер Милеи е сојузник на Трамп.

Премиерот Кир Стармер, кого Трамп неодамна го нарече „кукавица“, првично забрани користење на две британски бази за војната во Иран, но подоцна дозволи „одбранбени мисии насочени кон заштита на жителите на регионот од иранска одмазда“.

24 април 2026 - 09:41