Еволуцијата не е стопирана: црвенокоси повеќе, ќелави помалку

Во изминатите 10.000 години, природната селекција придонела за еволуција на речиси 500 гени во ДНК-та на западните Евроазијци. Зголемена е фреквенцијата на светла нијанса на кожата, црвена коса и отпорност на ХИВ и лепра (наречена и Хансенова болест), а намалена на машката ќелавост и подложност на ревматоиден артритис, открива нова студија на 16.000 геноми.

Ова откритие е во спротивност со долгогодишниот став дека скорешната човечка еволуција е со лимитиран опсег.

„Човечката еволуција не e забавена, само ние го утнувавме сигналот“, изјави за „Лајв саенс“ доктор Али Акбари од Харвард.

Еволутивната промена може да се случи преку различни механизми, вклучувајќи мутација, природна селекција (во која особините поволни за преживување се пренесуваат на потомството), проток на гени (кога генетскиот материјал се меша меѓу популациите)...

Акбари и неговите колеги развиле нов статистички метод за идентификување на природната селекција во период од 18.000 години кај илјадници древни и модерни геноми од луѓе што живеат во Западна Евроазија.

„ Со големи збирки податоци можеме да откриеме мали, конзистентни промени со текот на времето“, објаснува тој.

Истражувачите нашле докази за природна селекција во 479 генски варијанти во базата на податоци за западноевроазискиот геном, од кои 60% одговараат на познати особини кај денешните луѓе. 

Некои особини биле позитивно или негативно фреквентни во различни периоди. Неколку милениуми, гените за подложност на туберкулоза се зголемувале по фреквенција, а потоа се намалувале пред околу 3.500 години. Слично на тоа, гените за подложност на мултиплекс склероза се зголемувале до пред околу 2.000 години, а потоа се намалувале по фреквенција.

24 април 2026 - 11:12