Американскиот гласачки систем е прилично луд и не е лесно да се објасни. Еве нека проба CNN. Во целата таа изборна голгота Ајова (и нешто подоцна Њу Хемпшир) е битна за одредување на расположението, иако Ајова е земја со само 3 милиони луѓе. Причините за тоа се сведуваат на тоа што во 1970 година едни дечки не можеле да најдат соба во јуни. Важноста на гласањето во оваа држава прв ја согледува Џими Кaртер кој 4 години подоцна машки запнува со кампања за Ајова што му помага да стане претседател а луѓето првпат ќе речат: Па ова Ајова било важно!
2016, Ајова, гласање за претседателските кандидати во двата поделени (и едни кон други и меѓусебе) табора.
Демократите имаа 2,5 кандидати. Хилари Клинтон, Берни Сандерс и Мартин О' Мајли од Мериленд, кому овие избори му беа фина прилика да им свири гитара на фановите.
Кај Републиканците поголема гужва. Доналд Трамп - олицетворение за сите грди стереотипи кои светот ги има за Американците, Тед Круз кој еднаш ја блокираше цела влада за да докаже своја поента, Марко Рубио, човек со богата политичка историја кој кампањата ја помина оградувајќи се од својата богата политичка историја, Џеб Буш тргнат по стапките на својот брат (Џорџ Буш) и татко (Џорџ Буш) да стане претседател на САД, Бен Карсон, неврохирург за кој многумина посомневаа дека вежбал операции и на својот мозок, Ренд Пол кој тргна по стапките на својот татко (Рон Пол) да НЕ стане претседател на САД, Крис Кристи од Њу Џерзи кој не затвори цела влада но го затвори мостот кон Њујорк како и Џон Касич за кој никој не знае зошто се трка.
Кај вториве малку неочекувани резултати. Тед Круз го победи најгласниот од сите, Доналд Трамп што е индикативно за тоа дали за победа е поважна популарноста (Трамп) или пак некоја политичка сериозност (Круз). Големо изненадување кај нив е Рубио кој е скоро изедначен со Трамп. Може да се очекува големите пари/донори да го поддржат Рубио и напуштат Буш (кој веќе не се спомнува). Истите тие (републиканскиот естаблишмент) некако не го поднесуваат Круз, кој успеа де се искара со многумина во Вашингтон. Се зборуваше дека пo објавувањето на резултатите, хирургот го распуштил штабот но Карсон подоцна објасни дека заминал во Флорида само да земе чисти алишта.
Кај демократите многу, многу нерешено. Дотаму што буквално била фрлана петка- глава ( и тоа e комплицирано). Добила Хилари но небитно. Следува Њу Хемпшир каде Берни е како на домашен терен. Но, прашање е дали подоцна ќе успее да ја добие и Јужна Каролина каде што стои доста полошо од Клинтон.
Тоа. За Пржино и онака сè знаеме.