Il Cavaliere ("Витезот" како што е познат Берлускони во Италија) се навикна на неочекувани неуспеси и уште понеочекувани политички воскреснувања. Како пример за ова е неговиот скромен камбек на националните избори на 24-ти февруари.
Овој пат е сериозно - и тој самиот го знае тоа или барем почнува да го разбира, иако неговата вчерашна предвидлива прва реакција енергично го негираше ова.
Пред 20 години кога Бетино Кракси, италијанскиот премиер од 1983-та до 1987-ма, го доби своето прво обвинение, неговиот последователен пад не беше ниту претпоставен во тоа време. Само откако неколку месеци подоцна некогашниот Социјалистички лидер беше преплавен од обвиненија, неговата пропаст стана јасна. Пред да биде издаден налогот за негово апсење, Кракси се одлучи на егзил. Настаните слично се развиваа и кога Андреоти беше обвинет дека има врски со сицијалијанската мафија и многумина со смеење ја отфрлија идејата дека Андреоти се гушкал и поздравувал со мафијашкиот бос Салваторе Тото Рина. Иако тој никогаш не се одлучи на егзил и избегна затвор, политичката кариера на Андреоти - и неговото историско наследство - беа засекогаш уништени.
Јасно е дека судскиот систем ја подготвува истата судбина и за овој поранешен премиер. Лекциите од пред 20 години раскажуваат дека е бескорисно да се преправаме дека ќе се случи нешто поинакво: ова е начинот на кој се случува.
Судиите од Милано кои ја пуштија гилотината на Витезот ќе бидат под сериозна анализа. Не смее да има никаков сомнеж дека во одлуката била вклучена политика. Знаците се бројни и непогрешливи: Судиите се решија за пресуда построга од онаа што ја побара обвинителството, и тие одлучија да применат посериозна интерпретација на нејзиното извршување.
Судот наметна и дополнителни казни кои му забрануваат на Берлускони да врши каква било јавна функција до крајот на животот, како и тоа да побара од јавното обвинителство да ја обвини одбраната на Берлускони за фалсификат.
Апелациониот суд неодамна ја потврди 4-годишната казна затвор за Берлускони за случајот Фининвест. Одлуката судот ја донесе во неверојатен рок од само 3 месеци, и наскоро се очекува дека и новата пресуда ќе следи по истите стапки.
На Берлускони сега му останаа многу малку карти за играње: може да избере да се бори, како што некои почнаа да предвидуваат, или да прејде на поекстремни опции како изнесување на случајот пред италијанскиот Врховен суд. Би било наивно да се верува дека вака строгите пресуди, од кои една е потврдена и од апелација, нема да влијаат на членовите на Врховниот суд.
На крајот, или уште подобро, демолирањето на Втората република од страна на правниот систем остава празнина поголема од онаа која се создаде од колапсот на Првата република. Треба да се признае дека ова веќе некое време можеше да се предвиди, не само заради потезите на Берлускони туку и заради генералниот бран на корупција кој ги опфати локалните и регионалните влади.
Кога падна Првата република, потопот предизвикан од Танџентополи скандалот го поттикна сеприсутниот бран на огорченост. Јавноста бараше ремонт на политичкиот систем и ги искористи референдумите од 1991-ва и 1993-та за да го каже ова. Последователно воведување на нови изборни правила им даде шанса на граѓаните директно да ја изберат својата влада и радикално да ги променат претставниците во Парламентот. За жал оваа шанса имаше краток животен век.
Политичките промени кои започнаа во тоа време за жал по краток период стигнаа до мртва точка, доведувајќи до конфузија и постојани несогласувања кои преовладуваат во Италија во изминативе 20 години. Денес политичкиот систем, ослабен и неспособен од сопствените реформи, потклекна под силното судство. Во пракса тоа е единствената сила која ја преживеа кризата на институциите.
За оние кои го идолизираа, и кои му ги доверуваа своите највисоки соништа и најголеми стравови, падот на Берлускони ја избриша секоја надеж. Во моментот, движењето на централната-левица не е способна да понуди остварлива алтернатива, додека движењето на Бепе Грило ја губи силата. Владеењето на повеќе партии, кое треба да биде во полза на мирот по бескрајната ера на меѓусебни расправии, може уште многу кратко да преживее во ваква состојба на мртвило - меѓутоа без надеж за адаптирање на политичките правила, и без силата потребна за соочување со сериозноста на ситуацијата. И сепак повторно ќе има многумина кои ќе се задржат на овој тип на владеење како сплав сред бура.