Шефот на американските нуклеарки: Ќе биде „големата“

Командантот во чија надлежност се американските нуклеарки, Чарлс Ричард, го расипа апетитот на присутните на една конференција на морнарицата, споделувајќи го впечатокот дека нему Украина му делува само како предјадење за главното јадење. Русија останува акутна закана но главниот непријател е Кина.

„Ќе биде големо, и тоа многу скоро. Ќе бидеме тестирани на начини на кои не сме биле тестирани подолго време. Ова во Украина ми се чини само како загревање,“ злокобно прогнозираше адмирал Чарлс Ричард, шеф на американската стратешка команда одговорна за нуклеарните капацитети.

Предупредувањето дојде откако во најновата верзија од нивната доктрина уште еднаш се наведе дека тие имаат право да нападнат први. Таму стои и дека поентата на американскиот нуклеарен арсенал е „да одвраќа стратешки напади, да биде гаранција за сојузниците и партнерите, и да постигнува државни цели доколку одвраќањето не успее“.

„САД би ги зеле предвид нуклеарките само во случај на екстремни околности, за заштита на виталните интереси: своите, на Алијансата или на партнерите,“ се порачува во документот.

Истовремено, во Државната страгетија за одбрана се реафирмираше позицијата дека најголем и најсериозен предизвик е Кина, а Русија се доживува како акутна закана. Од документот се гледа дека Америка се подготвува за конфликт и со Русија и со Кина.

Модернизацијата на нуклеарните капацитети би чинела околу 1,5 трилиони долари, а тензиите со Русија и Кина им одговараат во правдањето на цехот.

Конгресот изгледа решен да „ја одврзе кесата“ и за Тајван. Планот е на островот да се истоварат 10 билиони долари воена помош. Иако Американците велат дека тоа ќе биде направено само заради одвраќање, Пекинг јасно даде до знаење дека дотурање оружје во Тајван само ќе го доближи регионот до војна. 

******

Види и: 

Америка ги апгрејдира нуклеарните бомби во Европа

7 ноември 2022 - 11:31