За да се разбере зошто Каталонците се сметаат себеси за различни од Шпанците треба да се знае еден нивен тешко преводлив збор - сењ. Со потекло од латинското „сензус“ (разумност), тој во себе вградува древна каталонска мудрост на свесност, интегритет и аналитичност, сите предуслови за повлекување на вистинскиот потег во вистински момент. Спротивно на сењ е „рокса“, импулсивност и непромисленост.
Оваа суштинска вредност за фолклорот и светогледот на Каталонците се пренесувала од генерација на генерација, пред сè преку усното творештво - приказните и поговорките. Како на пример: „Човекот со стегната тупаница е како свиња, корисен е само после смртта“ или „Животните задоволства имаат добар влез, а лош излез“. Сите тие советуваат внимателност и кроце донесување важни одлуки.
Но денес „сењ“ е последната придавка која Шпанците и ЕУ би ја употребиле за да ги опишат Каталонците, кои овој месец оддржаа контроверзен референдум за независност. Шпанскиот Сенат се очекува денес, 27.10, да одобри федерално преземање на каталонската регионална влада. Некои од водачите на отцепувањето се уапсени. Но, што и да направи владата во Мадрид, чувството на одделност кое го имаат голем број Каталонци во однос на Шпанците со кои ја делат националната држава нема да исчезне. Затоа што тоа не исчезнало и претходно, во годините на долгата шпанска репресија.
Но ако е веќе така, ако Каталонците се чувствуваат не само лингвистички туку и културно и политички различни од Шпанците, како тогаш Каталонија воопшто станала дел од оваа земја?
„За да се разбере ова треба да се вратиме во средниот век, затоа што тоа е периодот на кој се повикуваат и Каталонците кога ја раскажуваат нивната историја“, вели Пол Фридман, професор по историја на Јеил. „Тие се гледаат себеси како многу попрактични и помодерни од нивните соседи, кои според нив се позаинтересирани за моќ, религија и чистота на крвта.“
Во 12-тиот век независната Каталонија била приклучена кон Арагонското кралство, преку династички сојуз. Интересите на Каталонците доминирале, а трговијата во западниот Медитеран бил главно нивен домен. Но неколку стотина години подоцна уште еден сојуз ги споил Арагон со Кастиља. После серија помали походи, шпанската држава горе-долу ги воспоставила денешните свои граници.
Оттогаш, Каталонија е лингвистичко малцинство во земја која е населена и владеена од говорители на шпански. Модерна Шпанија додуша има поголем број вакви малцинства, како Галицијците, Баските и Канаријците. Иако во различен степен, сите тие имаат искусено репресија на јазикот и културата, и изнедриле сепаратистички движења.
Најлошиот период за сите нив било военото диктаторство на Франциско Франко, кој дојде на власт во 1939 и владееше до смртта во 1975. Тој е одговорен за смртта на стотици илјади луѓе кои се спротивставија на неговиот тоталитаризам, а почна и со систематско уништување на каталонските политички партии. Го забрани каталонскиот и нивните културни институции, со што тие практично беа приморани да дејствуваат во подземјето.
Сепак, јазикот никогаш не престанал да се употребува, а денес не само што е официјален јазик во Шпанија (покрај шпанскиот), туку и државните училишта го предаваат на мигранти од земјата и од светот. Постои и посебен интернет домен (.cat), прв доделен на специфичен јазик, на каталонскиот (за што пишувавме тука)
Но овој регион е напреден и по економијата - од доцниот 19-ти до пред 20 години Каталонија имаше најразвиена еокономија во земјата, а во пост-франковска Шпанија таа си поврати голем дел од автономијата, што подразбираше и свој парламент и полиција. Но како што покажа референдумот, Каталонија сега е поделена во групи кои имаат драстично различни гледишта за независноста. Внатрешноста и руралните области, кои се населени главно од луѓе кои зборуваат каталонски, се жестоки поддржувачи на оваа идеја. Работничката класа од предградијата на Барселона пак е поделена во зависност од потеклото на луѓето. А во самата метропола повеќето не се доволно мотивирани воопшто да гласаат.
Во меѓувреме Мадрид ја има претркано Барселона како шпански културен и економски главен град, а освен тоа е и двојно понаселен. Чувството дека Каталонија плаќа повеќе во даноци кон Мадрид а не добива доволно за возврат беше еден од централните аргументи на кампањата за независност. Каталонците секогаш се сметале за поумни и побогати, по својот „сењ“. А раскинувањето со Шпанија може да биде начин за зачувување и развивање на ова чувство, пишува Вашингтон Пост.