Ако еден есеј на Солжењицин од 1990-та година ("Како повторно да ја изградиме Русија") за Владимир Путин е она што беше Мајн Кампф за Хитлер или платформите на САНУ за српскиот национализам од 90-тите години, тогаш допрва ќе гледаме ре-компонирање на политичката мапа во Евро-Азија.
Кога есејот е пишуван, добар дел од националните сентименти од православен карактер на познатиот писател се чинеа надживеани и надвор од реалноста, но, со последните случувања во Украина, тие повторно добиваат на актуелност.
Во времето на последните денови на СССР, Солженицин ги критикува советските власти за занемарување на важноста на административните граници во државата кои го разнебитуваат традиционалното руско ткиво и притоа се залага за Руска Унија, која би била составена од Русија, Украина, Белорусија и етнички руски делови на Казахстан.
Според него, Белите Руси (Белорусите) и Малите Руси (Украинците) знаат дека имаат ист руски корен и дека од своите браќа од Русија биле делени со монголските инвазии и полските колонизации кои го промовирале католицизмот.
Во истиот стил на денешната руска реторика, тој пишува дека Украина има делови кои не ѝ припаѓаат и дека во случај таа да стане независна држава, ним треба да им се остави правото на самоопределба.
Тој своевремено ја критикуваше советската амбиција да воспостави руска доминација во сите делови на СССР предлагајќи Русија веднаш да престане да троши енергија на балтичките земји, Молдавија и јужниот Кавказ, бидејќи мешањето со не-руските територии би ја уништило руската национална есенција.
По него, вреден за новата Русија е само Казахстан, што Путин деновиве и го потврди издвојувајќи го Нурсултан Назарбаев како најспособен државен лидер од посто-советските земји.
"Тој успеа да направи нешто уникатно, да создаде држава онаму каде што таа никогаш не постоела, бидејќи Казаците никогаш немале своја држава,' изјави Путин, јасно давајќи до знаење што мисли за растечкиот национализам во Казахстан и интегритетот на таа држава.
* Есејот на Солжењицин, во оригинал на руски - тука