Иако низ годините владеење на Путин, повеќе ликови ја носат титулата „сив кардинал“ на Кремљ, процената е дека таа прописно му припаѓа исклучиво само на Николај Патрушев, константно најважниот човек во внатрешниот круг на Путин од крајот на 1990-те до денес, а инаку колеги уште од почетокот на нивните кариери во КГБ во 1980-те.
На новогодишната вечер 2000-та кога Елцин го назначува Путин за свој наследник, Патрушев е човекот кој заедно со Путин лета во Чеченија со цел зголемување на моралот на тамошните руски војници. Британското разузнавање на Патрушев му ја препишува и клучната улога во операцијата за убивање на поранешниот агент на КГБ Александер Литвиненко, како и организацијата на неуспешниот пуч во Црна гора во октомври 2016. За време на цело владеење на Путин, Патрушев има високи државни функции од Секретар на Советот за безбедност, до прв човек на ФСБ.
Од целиот внатрешен круг на Путин, Патрушев најчесто се појавува во медиумите и има дозвола на јавноста и медиумите да им ги објаснува официјалните политики на Кремљ.
За Патрушев не е невообичаено да даде и некои прилично заговорнички изјави од типот дека Медлин Олбрајт тврдела дека „ниту Далечниот Исток, ниту Сибир не и припаѓа на Русија“ или дека „криминалната заедница“ била ангажирана во „раширен бизнис со продажба на сирачиња киднапирани од Украина“, и дека западните влади го помагаат тајниот пазар за продажба на човечки органи од најсиромашните жители на Украина.
Тој уште во 2020 зборува дека Русија и нејзината државност е под напад од Западот, организиран од Стејт департманот, најразлични НВО-а и Отворено општество на Сорос. За него преземање на одлучен удар „за неутрализирање на заканата“ не само што е трка со времето туку ја доведува во прашање и самата егзистенција на Русија.
Кога во 2020 експлодира пандемијата на ковид-19, Путин наместо во вообичаената резиденција во Ново-Огарево во близината на Москва, се сместува во многу подалечната претседателска резиденција на езерото Валдај меѓу Москва и Санкт Петерсбург.
Таму и онака малиот круг на луѓе околу Путин дополнително се стеснува, главно заради медицинска претпазливост. Како што пишува британски Тајмс, Путин во својот „ковид бункер“ опкружен со „идеолози и социопати“, развива „длабоко чувство дека руската доминација над Украина мора да биде возобновена“.
Во 2-годишната изолација, Путин го враќа својот „ентузијазам за историско теоретизирање“ кој кулминира со есеј за Русија и Украина објавен во јули 2021.
За цело тоа време, еден од луѓето кои постојано е со Путин е Јури Ковалчук, човек кој стои зад мрежа од бизнис, врски од старата Комунистичка партија и организиран криминал, и кој според руски извори е одговорен за бизнис интересите на рускиот претседател и неговото семејство.
Според Форбс Русија, Ковалчук во 2008 е 53-от најбогат Русин со имот од 1,9 милијарди долари и најголем акционер на Банката Росија, со 30,4% од акциите.
Освен пари, Ковалчук, според Тајмс, долги години е фасциниран со рускиот мистичен национализам од 1930-те на Иван Илјин. Тајмс се сомнева дека Ковалчук бил човекот до Путин што помогнал во составувањето на есејот околу рускиот однос со Украина.
„Објавувањето на историскиот есеј на Путин во јули 2021 служеше како јасен сигнал не само за руската јавност туку и за елитата во Кремљ дека спасувањето на Русите во Украина од репресијата е новата партиска агенда.
Ова беше повик на војна.
Во седиштето на ЦИА во Ленгли, есејот веднаш беше обележан како почеток на нова и опасна фаза во размислувањето на Кремљ,“ пишува Овен Метјус во текстот за Тајмс.
До летото 2021 веќе има критична маса меѓу најтесниот круг на луѓе дека Русија треба да преземе „одлучувачки воен удар“. Тоа што не е утврдено е што точно значи тоа, па опциите се движат од руски мини-држави во Донбас, анектирање како Крим или целосна инвазија на Украина и уништување на владата на Зеленски.
До крајот на летото ова колебање се решава, и одлуката, под притисок на Патрушев и Бортников, е дека неопходна е инвазија.
Самиот Лавров никогаш не е дел од овој круг, и тој успева да се избори да добие уште една шанса за дипломатско решавање на проблемот и дека ќе го разубеди Путин да не тргне кон војна. Тој дури до вечерта пред почетокот на операцијата не знае дека плановите вклучуваат и напад на Киев.
„Меѓутоа залетот што го има внатрешниот круг на Путин е толку голем што за да се откаже воената операција Лавров би требало да обезбеди некои вистински драматични, и искрено нереалистични, отстапки од Западот,“ пишува Метјуз.
Лавров заедно со својот тим на 17 декември објавува листа на барања, „кои се сериозно претерување“. Во нив Русија бара НАТО да се повлече на границите од пред 2007 и да вети дека нема да испорачува проектили и тешко вооружување на територија на поранешните членки на СССР. За британското министерство за надворешни работи самите барања „едноставно не се разумни за кој било што имал какво било искуство во дипломатијата меѓу Русија и НАТО“. Британски извори за Метјуз изјавуваат дека во документот „нема ништо на кое НАТО би можело да се согласи“.
Грешката што според Метјуз ја прави британската дипломатија е што барањата на Лавров ги толкува како претерување на Путин за стартна позиција во преговори со Западот и дека тој подоцна би се согласил за помалку, „а не како индикација за тоа колку далеку се има оддалечено од идејата за компромис“.
За заблудата на Западот многу придонесува и импресивното ниво на таинственост за деталите околу инвазијата.
„Не ни чудо што и западните лидери и најдобро поврзаните припадници на руската елита и понатаму веруваа дека Путин прави блеф од историски размери. Еден извор е уверуван од олигархот Микаил Фридман, само неколку дена пред инвазијата, дека неговите највисоко позиционирани пријатели во безбедносните структури, му ветиле дека не постои опасност од војна.
Дури и портпаролот на Путин, Дмитри Песков, признава за време на приватен ручек со пријател на семејството на Путин, дека најголемиот дел од Советот за безбедност на Русија дознал за нападот на Киев и Харков дури по состанокот на 21 февруари,“ пренесува Метјуз.
Состанокот на Советот за безбедност на 21 февруари се одржува во салата Св. Катерина во Кремљ и е „уникатен по својата формалност и грандиозност, јасен сигнал дека ќе се случува нешто историско.“
На состанокот целосниот безбедносен естаблишмент на земјата, како ретко кога е собран на исто место и пред камери. Таму тие имаат задача да дадат „свое мислење“ за можното признавање на независноста на Донецк и Луганск. Додека најголемиот дел од присутните гледаат како што можат повеќе да се согласат со Путин, дуото Патрушев и Бортников се најподготвени и најуверливи во своите настапи. Бортников реди список на наводни украински провокации, а Патрушев обвинува дека Западот ја притиска Русија да влезе во судир.
Коментирајќи го односот на Путин кон луѓето од Советот кои не се во неговиот круг (Лавров, премиерот Мишустин, првиот човек на странското разузнавање Нарјушкин), Метјуз вели:
„Путин сигнализираше нешто многу подлабоко, нешто што на крај ќе биде далеку позначително во претстојниот конфликт.
Најзаблудените, најидеолошки поттикнати челнови на неговиот круг беа внатре, запознаени со планот, додека оние со најдетално познавање на реалниот свет беа надвор.“
На 22 февруари, Думата го формализира признавањето на ЛНР и ДНР.
Следниот ден Путин разговара со Ердоган. Според официјалното соопштение од разговорот, Путин „изразил разочарување што САД и НАТО ги игнорирале легалните и разумни барања и загриженост на Русија.“ И покрај блискоста на двајцата лидери, во разговорот не е спомната инвазија на Украина.
„Во некој дел од вечерта на 23 февруари, Путин седна во телевизиското студио во резиденцијата во Ново-Огарево за да сними уште една порака до својот народ. Во ова видео тој објави дека дал наредба за започнување на ’ограничена воена специјална операција’ против Украина. Пораката беше пренесена во 6 часот следното утро. По целата 2.000 километарска граница меѓу Русија, Белорусија и Украина, сила од 71 баталјонска група со некои 160 до 190 илјади луѓе - најголемиот број на распоредени руски сили на европско тло од 1945 - тргна во војна,“ пишува Метјуз.