Како Индија планира да држи дома 1,3 милијарди луѓе

Во подвиг кој никогаш претходно не е ни помислен, а не па направен, Индија планира една петина од населението на планетава цели 21 ден да го држи дома во изолација.

Предлогот доаѓа од премиерот Моди, и е инспириран од кинеските мерки кои помогнаа во забавување на болеста. Сепак ова што треба да се заврши во Индија е со неспоредливо поголем опсег, бидејќи Кина изолираше само 60 милиони луѓе во провинцијата Хубеи.

Предноста на Индија е што имаше време да се подготви пред нејзиниот здравствен систем да биде преплавен, па државата веќе постави привремени болници кои ќе треба да го олеснат притисокот врз здравството.

Иако Моди е главниот, тој за планот ќе мора да работи со моќните лидери на сојузните држави од кои дел и не му се баш наклонети што заради идеолошки, што заради верски причини.

До сега Индија има 724 потврдени случаи на ковид-19, меѓутоа стравот е дека во следните неколку недели ова нагло ќе порасне. Ако не успеат мерките на владата, и ковид-19 експлодира во Индија, земјата би можела да стане најголемото жариште во светот.

Моментално најголем број на заразени имаат САД, речиси 86.000 и 1.300 мртви. Италија и понатаму има најфатални статистики со 8.215 мртви од коронавирусот.

Кога во Кина пукна епидемијата, и откако кинеските власти престанаа да казнуваат доктори кои алармираат и прифатија дека имаат епидемија, беа ангажирани илјадници работници кои за 10 дена во Вухан подигнаа две нови болници со вкупно 2.600 кревети, а стадиони, канцеларии и хотели по наредба на владата беа преадаптирани за изолација на луѓето. Кина потоа во Хубеи донесе илјадници доктори кои ги третираа болните, додека жителите беа затворени во карантин да се спречи ширењето. Тие ги ангажираа и мобилните оператори кои помагаа во следење на движењето на граѓаните кои претходно биле во Вухан, а во деловните згради и објекти беа ставени камери за препознавање и автоматско мерење температура со цел следење и откривање на нови случаи.

Предноста на Кина беше што просекот и е 4,3 болнички кревети на 1.000 лица, додека во Индија тоа изнесува 0,5. Плус Индија има посиромашно население кое живее позбиено отколку кинеското, и заради поголемото загадување многу повеќе страда од белодробни заболувања.

Паралелно со ова индиските медиуми пишуваат за повеќе случаи во кои луѓе кои издаваат станови и куќи во Њу Делхи почнале да ги бркаат кираџиите доктори и останат медицински персонал во страв дека ќе им шират болести.

Пред некој ден видовме и дел од индиските мерки за убедување на населението.

27 март 2020 - 14:38