Како Америка од невнимателност создаде Оска на избегнување санкции

Од сето она што западните санкции и контрола на извоз требаа да постигнат во потчинување на непријателите на САД за сега само доведе до формирање на паралелна сива економија предводена од Кина, пишува Вол стрит журнал.

Држави како Русија, Иран, Венецуела, Северна Кореја, Кина и други се наоѓаат под финансиски и трговски рестрикции без преседан. Меѓутоа истите овие држави благодарејќи на санкциите развиваат економија со доволен обем која ги штити од финансиската војна што Вашингтон ја води против нив.

Обвинувањата за Кинезите дека ги снабдуваат сите овие режими и посебно Москва во војната против Украина, од Пекинг се отфрлени со објаснување дека Кина не снабдува какво било оружје во војната, а дека трговијата меѓу државите е за стоки кои се легални и легитимни според меѓународниот закон, и како такви треба да бидат почитувани и заштитени.

Вол стрит журнал објаснува дека блокот има порамнети трговски потреби. Па од една страна Кина добива нафта од трите моќни членки на ОПЕК (Русија, Иран и Венецуела) по сериозно поевтини цени. Ова е од огромен ќар за Кина која како најголем увозник на нафта во светот минатата година купуваше по 11 милиони барел на ден.

Од друга страна овие држави ги користат приходите за купување на санкционирани производи од Кина, а кинеската валута ја користат за пристап до финансиските и платежни системи кои Западот им ги отсекол.

„Нафтените приходи од Кина ги помагаат иранската и руската економија и ги поткопуваат западните санкции,“ објаснуваат од Атлантскиот совет.

Царински податоци покажуваат дека Кина ги покрива потребите на Русија за производи со двојна намена, и цивилна и воена. Така кинеската државна воена компанија Поли технолоџис, минатата година испраќа над 20 пратки до санкционираната руска државна компанија УУАЗ која произведува воени и цивилни хеликоптери.

Поли технолоџис, која исто така е санкционирана од САД, минатата година испраќа огромни пратки пушки за рускиот Ижевски арсенал, најголемиот продавач на оружје на големо во Русија.

Кинески компании биле одговорни за сите 60 пратки што минатата година ги добила руската компанија која Американците тврдат дека е дел од каналот за набавка за производството на ирански воени дронови кое започна во Русија.

Русија пак е еден од главните извори на приходи за иранската индустрија која на големо почна да произведува дронови за војната во Украина, додека во исто време ја зацврстува меѓународната претстава за Иран како сериозна воена моќ.

Низата продолжува со Иран кој стана клучен партнер на Венецуела за снабдување со оружје и техничка помош за нејзината енергетска инфраструктура и други производи санкционирани до САД. За возврат Каракас на Иран му плаќа во злато од своите обемни резерви. Освен што Венецуела го има во изобилие, изборот на плаќање во злато е и затоа што тоа многу потешко се следи отколку финансиските трансфери и е совршено за заобиколување на западниот банкарски систем од страна на санкционираните нации.

Како што објаснуваат американски функционери, „капацитетот и волноста на Кина да ја поддржи руската воена машинерија и да и помогне на Москва да ги обнови своите воени капацитети создаде трговија и финансирање без преседан“. Според нив опасноста е дека тоа би можело да ја отвори вратата кон уште поширока интеграција на воената-индустрија.

5 јуни 2024 - 11:49