Писмото во најголем дел се базира на Куранот, и во него тие комплетно ја растураат екстремистичката идеологија на милитантите.
Дури и да биде преведено на англиски, писмото ќе им звучи комплетно нејасно на мнозинството (Американци), објаснил извршниот директор на Советот за американско-муслимански односи, Нихад Авад.
"Писмото е напишано на арапски. Користи тешки класични религиозни текстови и класични религиозни учители кои ИСИС ги употребува за мобилизирање на младите луѓе. Писмото не е наменето за општата публика," објаснува Авад, според кој дури и за просечниот муслиман писмото би било тешко за разбирање.
Авад објаснува дека писмото "точка по точка" ја побива филозофијата на ИСИС и насилството што го користат.
Во однос на прогласувањето калифат, тие на ал Багдади му порачуваат:
"Кој ти даде на тебе власт над уметот (муслиманите). Дали ова беше твојата група? Ако е така, тогаш група од неколку илјади се назначила за владетели на над милијарда и пол муслимани. Ваквото однесување се базира на погрешна кружна логика, која вели: 'Само ние сме муслимани, и ние решаваме кој е калифот, ние го избравме и кој не го прифаќа нашиот калиф не е муслиман.'"
Во писмото тие објаснуваат дека и самиот повик на џихад од страна на ИСИС е недозволив:
"Имате убиено многу невини луѓе кои не беа ниту борци ниту вооружени, само затоа што не се согласуваа со вашето мислење. Џихадот не може да биде заради навреда или да биде агресија на други, само затоа што луѓето имаат поинаква религија или мислења."
Во интервју, Авад појаснува дека "џихадот е благороден концепт во Исламот. Тоа е правото да се одбраниш себе си и својата држава. Меѓутоа луѓето не можат да го земат ова во свои раце. И е недозволиво како мерка на агресија."
По оваа основа Авад има и барање до сите, борците на ИСИС да не ги нарекуваат џихадисти: "Ословувањето на членови на ИСИС со џихадисти ги легитимизира нив. Тие тврдат дека се џихадисти ама не се. Барам од сите да престанат нив да ги нарекуваат џихадисти."
Сижето на писмото го има во 24 точки, меѓутоа најголемата забелешка на идеологијата на ИСИС е дека тие ги вадат од контекст цитатите од Куранот, со цел да ги оправдаат своите злосторства.
Ова се 24-те клучни моменти во писмото:
1. Во Исламот е забрането објавување фатва без неопходното учење. Дури и тогаш фатвата мора да ја следи муслиманската правна теорија како што е дефинирана во класичните текстови. Исто така е забрането цитирање на делови од стихови во Куранот, за да се донесе пресуда без притоа да се прочита се што Куранот или Хадисот имаат да кажат на таа тема. Со други зборови, има стриктни субјективни и објективни предуслови за фатва, и човек не може да бира кои строфи од Куранот ќе ги користи како правни аргументи, без притоа да го земе предвид целиот Куран и Хадис.
2. Во Исламот е забрането да се издадат правни одлуки за што било без комплетно владеење на арапскиот јазик.
3. Во Исламот е забрането да се поедноставуваат работите од Шеријатот и да се игнорираат воспоставените исламски науки.
4. Во Исламот е дозволено (за учителите) да има различно мислење на која било тема, освен на основите на религијата кои секој муслиман мора да ги знае.
5. Во Исламот е забрането да се игнорира реалноста на современото време кога се носат правните одлуки.
6. Во Исламот е забрането да се убиваат невините.
7. Во Исламот е забрането да се убиваат емисарите, амбасадорите и дипломатите; исто така забрането е да се убиваат новинарите и добротворните работници.
8. Џихадот во Исламот е одбранбена војна. Не е дозволена без правилна причина, правилна цел и без правилни принципи на однесување.
9. Во Исламот е забрането луѓето да се прогласуваат за не-муслимани освен ако тој (или таа) отворено не го декларира своето неверување.
10. Во Исламот е забрането да се повредуваат или малтретираат - на кој било начин - Христијаните или "кои било луѓе од Светот Писмо."
11. Задолжително е Јазидите да се сметаат за Луѓе од Светото писмо.
12. Повторното воведување на ропството е забрането во Исламот. Тоа е укинато со универзален консензус.
13. Во Исламот забрането е луѓето со сила да се тераат да ја менуваат верата.
14. Во Исламот е забрането да им се негираат правата на жените.
15. Во Исламот е забрането да им се негираат правата на децата.
16. Во Исламот е забрането да се донесуваат казни без следење на правилните процедури кои осигуруваат правда и милост.
17. Во Исламот е забрането да се измачуваат луѓе.
18. Во Исламот е забрането да се нагрдуваат телата на мртвите.
19. Во Исламот е забрането злодела да му се припишуваат на Господ.
20. Во Исламот е забрането да се уништуваат гробовите и храмовите на Пророкот.
21. Вооружен бунт е забранет во Исламот по сите основи освен во случај на јасно неверство на владетелот и недозволување на луѓето да се молат.
22. Во Исламот е забрането прогласување калифат без консензус од сите муслимани.
23. Исламот дозволува човекот да биде лојален кон својата нација.
24. По смртта на Пророкот, Исламот не бара никој никаде да емигрира.
Целото писмо преведено на англиски: