Адвокати на Трамп во игра за гасовод за Босна

Адвокати што му помагаа на Доналд Трамп во кампањата за поништување на претседателските избори во 2020 година се заинтересирани за изградбата на гасовод од јадранскиот брег до Босна, што би требало да ја ограничи зависноста на Балканот од руски гас. Гасоводот Јужна интерконекција во должина од 232 километри е проценет на 200 милиони долари.

Во Сараево во текот на оваа недела престојувале Џеси Бинал, адвокат кој работеше на тужби што го промовираа тврдењето на Трамп дека му биле украдени гласовите, и Џо Флин, кој исто така бил вклучен во кампањата. Застапувајќи ја малку познатата компанија AAFS Infrastructure and Energy, тие разговарале со босански лидери за можностите со американски капитал и ресурси да се развие и управува гасоводот Јужна интерконекција.

Средбите со босанските министри беа од истражувачка природа. Јужна интерконекција е важен проект со потенцијал да ја зајакне енергетската безбедност на Босна и Херцеговина и да ја намали регионалната зависност од рускиот гас. AAFS е возбудена поради можноста да истражи како би можеле да придонесат американскиот приватен капитал и експертиза, изјави Бинал.

Изградбата на Јужна интерконекција е проценета на околу 200 милиони долари. Додека голем дел од Европа е во фаза на одвикнување од зависноста од рускиот гас како еден од главните избори на енергија, Босна и Херцеговина сè уште ги увезува од Русија речиси сите потреби од гас. Гасоводот во должина од 232 километри би ја поврзал Босна со терминал за течен природен гас на јадранскиот брег на Хрватска, што би ѝ овозможило да купува енергија од САД.

Откако Трамп лани се врати во Белата куќа, босанските власти се согласија американските компании да го градат и управуваат гасоводот.

AAFS Infrastructure and Energy нема искуство во индустријата. Корпоративни записи покажуваат дека е формирана пред два месеци во Вајоминг. Иако на нејзината веб-страница не е наведено ниту едно име, пишува дека вработените имаат „децениско комбинирано искуство во енергетиката, инфраструктурата, финансиите и развојот на меѓународни проекти“.

AAFS е приватна компанија што бара можности преку стандардни дипломатски и комерцијални канали, одговорил Бинал на прашањето дали неговите и врските на Флин со Трамп би можеле да претставуваат конфликт на интереси.

Откако Трамп во 2020 година изгуби на претседателските избори, Бинал му помагал да ги дискредитира резултатите и му бил правен застапник во случаи поврзани со нападот врз Капитол Хил. Мајкл Флин - братот на неговиот соработник, му беше советник за национална безбедност на Трамп во првиот мандат. Во 2017 година беше осуден за лажно сведочење пред ФБИ за зделки со Русија. Трамп го помилува во 2020 година. 

Семејството на Трамп е во активна потрага по бизнис-зделки на Балканот. Доналд Јуниор и Ерик, постарите синови на претседателот и наследници на семејниот бизнис, заедно со зетот Џаред Кушнер имаа проект за изградба на Кула Трамп врз Министерството за одбрана во Белград, оштетено од бомбардирањето на НАТО. Демонстрации во Србија и истрага од обвинителството го спречија проектот проценет на 500 милиони долари.

17 јануари 2026 - 09:29