За Миљан Миљаниќ обично зборуваат постарите, а учат помладите, дека во историјата на Реал Мадрид има и едно тренерско име со потекло од Македонија, кое инаку почина на денешен ден во 2012-та на 81 година.
Тоа име не смее да се заборави. Зборуваме за легенда на која во 2002-ра, Сеп Блатер му додели Орден за заслуги поради 40 години работа во фудбалот. Се најде во друштво на Лев Јашин, Сер Боби Чарлтон и многу други.
За него велат дека бил најголемиот европски експерт и теоретичар по фудбал, на кој зборот му бил закон. Во ФИФА и УЕФА влегувал како дома.
од него учеле стотина тренери во СФРЈ, но и во Шпанија. Славниот Винсенте дел Боске во една прилика рекол дека негов прв и најголем негов учител е Миљан Миљаниќ и никој друг.

ОД КАДЕ ПОВРЗАНОСТА СО МАКЕДОНИЈА?
Миљан Миљаниќ е роден во Битола 1930-та, град во кој неговиот татко Аким се преселил со семејството две години претходно откако нашол работа како геометричар. Мајка му на Миљан се вика Зорка, сестрите Мира и Нада.
За време на германската окупација во 1941-ва, биле принудени да избегаат во Крагујевац, а по завршувањето на Втората светска војна се преселиле во Белград. Така почнал да тренира во Црвена Ѕвезда, клубот на кој како тренер ќе му донесе 10 трофеи во периодот 1966-1974.
Неговиот пат како фудбалер бил краток, но токму преку тренерската визија ја пронашол својата вистинска големина, носејќи слава што го вбројува меѓу најпочитуваните имиња на европскиот фудбал.
Југославија како селектор ја водел на два Мундијали, 1974 и 1982. После првиот во Германија, каде во репрезентација имал имиња како Драган Ѓаиќ и Ивица Шурјак, станал тренер на Реал Мадрид.
Во време на великани како Герд Милер, Јохан Кројф, како и таканаречениот тотален фудбал, Миљаниќ бил фудбалски визионер кој повеќе од успешно го водел кралскиот клуб. На презентацијата го претставил лично тогашниот претседател Сантијаго Бернабеу.

БЕЛЕГОТ КОЈ ГО ОСТАВИЛ ВО РЕАЛ
Миљаниќ иницирал голем број иновативни промени во методите на тренирање во Реал. Инсистирал на оптимална физичка и тактичка подготовка и го зголемил бројот на дневни тренинзи од еден на три.
Фокусот наутро бил на физичката кондиција со тегови и тестови за брзина и издржливост, а попладне се работело со топка. Тоа првично предизвикало бес во клубот.
Дополнително инсистирал играчите на Реал да немаат повеќе од два допири на топка и барал да ја усовршат играта со долги додавања, а целиот тим да функционира по прецизен механизам.
Меѓу играчите кои ги имал во тоа време на располагање, освен Висенте дел Боске, бил и Хозе Антонио Камачо.

И покрај тоа што се соочил со критики од навивачите поради непривлечната игра, Реал во сезоната 1974/1975 ја освоил двојната круна во неговата прва сезона како тренер. Следната сезона ја одбранил титулата.
На 20 април 1976 година го посетил Лондон и наводно добил профитабилна понуда да го води Арсенал, но ги одбил и останал во Реал Мадрид и трета сезона.
Освен Реал Мадрид и Црвена Ѕвезда, ја водел и Валенсија, а бил тренер и во Кувајт и Обединети Арапски Емирати.

СИЛНОТО ВЛИЈАНИЕТО И ЧУВСТВАТА КОН РОДНИОТ КРАЈ
Неговото влијание врз фудбалската игра во Југославија било огромно, бидејќи цела генерација тренери, вклучувајќи ги Чиро Блажевиќ, Ивица Осим, Тоза Веселиновиќ и други, биле под негово менторство.
Важел за многу паметен и мудар човек. Иако бил звездаш, тој секогаш велел дека без силен Партизан нема ни силна Црвена звезда. Бил човек што се стремел кон совршенство и бил целосно посветен на својата професија.
Приватно бил скромен и едноставен, имал многу пријатели и знаел да седне со сите и со часови да расправа за фудбалот.
Посебни симпатии имал кон Македонија, а Битола секаде ја спомнувал како негов град. На ФК Пелистер им испраќал помош од Реал во форма на спортска опрема (топки, дресови, копачки и разни други реквизити).
Во 1981 станал претседател на Фудбалскиот сојуз на Југославија, функција што ја извршувал 20 години. Потоа бил избран за почесен претседател.

ГО ИСПРАТИЛЕ СО ДВЕ МАКЕДОНСКИ ПЕСНИ
Миљан Мињаниќ почина на 13 јануари 2012-та во Белград откако неколку години страдал од алцхајмерова болест. Во знак за почит, играчите на Реал Мадрид предводени од Мурињо носеа црни ленти на дресовите.
Фудбалската елита му се поклони на великанот. На погреб му беа Драган Џајиќ, Ивица Осим, Сафет Сушиќ, Душан Бајевиќ, Владимир Пижон Петровиќ, Ѕвонимир Бобан, Дејан Станковиќ, Синиша Михајловиќ, Пикси, Дејан Савичевиќ, Душан Бевиќ, Иван Гудељ, Бошко Ѓуровски, Амансио, Емилио Бутрагењо...
На неговиот погреб како последна желба беа интонирани ,Битола, мој роден крај" и ,Македонско девојче".