Кенеди ќе истражува дали мобилните се нездрави

Администрацијата за храна и лекови на САД тивко избриша свои веб-страници на кои пишува дека мобилните телефони не се опасни за здравјето. Во исто време Министерството за здравство почна истрага за потенцијални штетни ефекти од зрачењето на мобилните. Ова е дел од стратегијата МАХА на министерот Кенеди, кој одамна ги поврзува мобилните со канцер.

Министерот Роберт Кенеди Јуниор, кој вели дека никогаш не го приближува својот ајфон до увото, повикува и на запирање на експанзијата на 5G технологијата, која денес зрачи сигнал до 98% од Американците.

Тој застапуваше луѓе што тужеа телефонски компании за наводно предизвикување тумори на мозокот и во 2020 година доби случај што ја принуди Федералната комисија за комуникации да ги преиспита своите регулативи за безжично зрачење. Беше и претседател на Детската здравствена одбрана, која беше вклучена во судски спор околу 5G технологијата од мобилен предавател од Ајдахо, посочен како причина за срцеви проблеми на маж. 

Нашите деца пливаат во токсична супа, зрачењето од Wi-Fi од мобилниот телефон е многу полошо отколку што луѓето мислат дека е... Никогаш не треба да ставате мобилен до главата... Јас користам звучник или слушалки, рече Кенеди во интервју со Џо Роган во 2023 година. 

Мобилните телефони произведуваат електромагнетно зрачење, за кое е докажано дека им нанесува невролошка штета на децата кога е околу нив цел ден, и предизвикува клеточно оштетување, па дури и рак, додаде Кенеди лани, во гостување на телевизијата Фокс њуз.

ФДА на својата веб-страница тврди дека редовно следи и анализира научни студии за здравствените ефекти од изложеноста на радиофреквентна енергија од мобилни телефони и дека не е забележан пораст на рак на мозокот во последните 30 години и покрај огромното зголемување на употребата на мобилни телефони во овој период.

Всушност, стапката на дијагностицирани ракови на мозокот и нервниот систем во САД се намали во последните 15 години, забележува ФДА.

Но, сега се избришани делови што го содржеа ставот дека „тежината на научните докази не поврзуваат изложеност на радиофреквентна енергија од употребата на мобилни телефони со здравствени проблеми“.

Елизабет Плац, епидемиолог од институтот Џонс Хопкинс, во изјава за Волстрит Џурнал тврди дека мобилните не емитуваат зрачење од типот за кој е познато дека предизвикува рак. Таа посочи и на големи студии кои не пронашле никаква врска помеѓу мобилните телефони и ракот.

Сепак, научниот консензус за здравјето има озлогласена историја на грешки.

ФДА отстрани веб-страници со стари заклучоци. Се спроведуваат студии за електромагнетно зрачење и здравствени истражувања за да идентификуваат празнини во знаењето, вклучително и за новите технологии, заради поголема безбедност и ефикасност, изјави Ендру Никсон, портпарол на Министерството.

******
Види и: Параноиците дочекаа свои пет минути
 

17 јануари 2026 - 11:24