Кина бара место во орбитата за 200.000 сателити

Кинески фирми побараа дозвола за поставување на речиси 200.000 сателити во мрежа за обезбедување пристап до интернет што би била седум пати поголема од онаа на Старлинк. Пекинг се жали дека компанијата на Илон Маск веќе ја преоптоварила ниската орбита на Земјата и брза да фати позиции во тесниот и ограничен простор. 

Десетина разни кинески компании при крајот на изминатата година поднеле барања до  Меѓународната телекомуникациска унија (ИТУ) за лиценци за поставување сателити за комуникација во ниска орбита.

Најголемите проекти CTC 1 и CTC 2, предвидуваат лансирање на по 96.714 сателити секој. Апликациите се поднесени од Институтот за радиоспектар и технолошки иновации, регистриран на 30 декември во северната кинеска покраина Хебеј од седум здружени компании.

Пред крајот на 2025 година лиценци од ИТУ побарале и China Mobile, за проектот L1 со 2.520 сателити, и Shanghai Spacecom Satellite Technology, за почетните 1.296 од големата мрежа Qianfan.

САД водат против Кина во трката за лансирање мрежи на сателити што обезбедуваат пристап до интернет практично насекаде во светот. Спејс Икс досега лансирал преку 9.400 сателити од мрежата Старлинк, од кои 9.300 се оперативни.

Федералната комисија за комуникации на САД пред една недела објави дека ѝ дала на компанијата на Маск да лансира уште 7.500 сателити од втора генерација. Тие мора да бидат во орбита до крајот на 2031 година и би ја зголемиле мрежата на 15.000. Старлинк аплицирал за лансирање уште 30.000 сателити, но одлуката е одложена за подоцна.

Радиофреквентните опсези и орбиталните слотови во ниската Земјина орбита се ограничени, па првите што ќе ги зафатат тие ресурси имаат голема предност. Пекинг во декември се пожали дека Старлинк ги преоптоварил глобалните орбитални ресурси, зголемувајќи го ризикот од судири.

Кина има неколку активни проекти за констелација на интернет сателити. Мрежата Гуованг има цел да лансира околу 13.000 сателити, а Чијанфан планира да распореди повеќе од 15.000 сателити до 2030 година.

Сателитите во ниската Земјина орбита обично се на височина од 400 до 2.000 километри, според  Меѓународната телекомуникациска унија. Спејс Икс најави дека ќе приближи 4.400 сателити од 550 на 480 километри за да се намали ризикот од можни судири.

17 јануари 2026 - 12:43