Американската акција во Венецуела се одвиваше со молскавична брзина. На 3 јануари американски командоси го грабнаа претседателот Мадуро. На 6 јануари САД објавија дека ќе го управуваат нафтениот сектор на Венецуела на неодредено време. На 9 јануари Трамп потпиша извршна наредба за заштита на приходите, а на 14 јануари САД ја продадоа првата венецуелска нафта.
Извршната наредба е клучниот елемент од овој редослед. Наредбата ги прогласува приходите од венецуелска нафта за ослободени од сите побарувања од доверителите, од правни пресуди и меѓународни арбитражи. Со еден потпис 170 милијарди долари правни обврски станаа неизвршливи.
Тоа е навистина голем проблем. Венецуела им должи пари на сите, изјави за CNN анонимен експерт за надворешни односи.
Списокот на побарувачи навистина е многу долг: од Кина, преку разни меѓународни кредитори и сопственици на државни обврзници, до американски компании како ЕксонМобил или Коноко-Филипс.
Министерот за финансии Скот Бесент изјави дека парите префрлени во Катар ќе бидат наменети за финансирање на владините операции, безбедноста и доставување храна во Венецуела. Но, парите ќе бидат под целосна контрола на САД.
Венецуела има над 303 милијарди барели докажани резерви, најголеми во светот. Според сегашната пазарна цена, овие резерви теоретски вредат 17.000 милијарди долари.

Директорот на ЕксонМобил на состанок во Белата куќа оцени дека инвестициите во Венецуела нема да носат профит. Земјата денес произведува по 900.000 барели на ден, речиси четири пати помалку од рекордното производство од 3,5 милиони. За да се стигне до 2 милиони потребни се инвестиции во инфраструктурата од 50 до 100 милијарди долари и време од 5 до 10 години.
При најекстремно сценарио на производство од 3 милиони барели, и кога 30% од продажбата би завршиле на сметка на САД, годишниот приход би бил 35 милијарди долари. САД секој ден плаќаат 2,7 милијарди камата на огромниот долг. Годишниот ќар од венецуелската нафта би го потрошиле за 13 дена, само на камати.
Слична беше сметката и во случајот на Ирак. САД потрошија помеѓу 3.000 и 8.000 милијарди долари на војната, во зависност како се пресметуваат каматите и давачките за ветераните, а директниот ќар од ирачката нафта беше нула. На Багдад му беа потребни шест години по соборувањето на Садам Хусеин за да ги потпише своите први големи договори за нафта. Странските компании работеа според ирачките закони, а приходите одеа на ирачки сметки. Американските компании добија фиксни суми за опслужување од 1 до 2 долари за барел, колку да ги покријат оперативните трошоци.
Но кога владата на САД контролира прилив на приходи заштитен од судски побарувања, оваа пресметка не важи.
Акцијата на САД е пример за новата архитектура за заробување на суверени ресурси: Се оцрнуваат властите како наркотерористи, се обезглавува раководството, се воспоставува привремена влада што соработува, се поништуваат сите претходни обврски и долгови, ресурсите се продаваат преку безбедни канали и приходите се депонираат во јурисдикции што се надвор од законски дофат.