Во 2005-та година, Ирокезите поднесуваат тужба против државата Њујорк, градот Сиракуза, округот Онондага и пет корпорации тврдејќи дека сите тие илегално ја присвоиле нивната земја притоа уништувајќи ја околината.
Својата стара земја не ја бараат за да ги одселат сите и тие повторно да бидат главни туку за да ја исчистат. Меѓу другото, една од тужените корпорации со децении фрла хемиски отпад во езерото Онондага, свето место за Ирокезите.
Оттогаш, ги губат сите судски процеси а денес езерото е едно од најзагадените во цела Америка, со дебел слој жива на своето дно.
"Белците" денес ги кецаат Индијанците повикувајќи се на тн "Доктрина на отривањето." Таа потекнува од декрет на Папата Никола од 1452 година со кој на доселениците им се дава предимство врз новоткриените земји во Африка и Новиот свет.
400 години подоцна (1823) во судски процес се прибегнува кон оваа прастара доктрина и оттогаш таа станува дел од американскиот закон.
"Ни останува само уште едно право на жалба. И тоа ќе го изгубиме а после ќе одиме по светските судови," вели еден од Ирокезите кои се сочинети од 6 племиња (Мохавк, Онеида, Онондага, Кајуга, Тускарора и Сенека) и историски полагаат право на територијата на горен Њујорк.
Нивниот отпор секому му изгледа залуден. Освен ним. Прашани што ги држи мотивирани да ги тераат бескрајните судски спорови кои упорно ги губат, одговараат:
"Децата. Ако некој од предците не се молел за мене пред 500 години, зарем мислите дека ќе бев овде и ќе зборував?"
Во непишаниот морално-политички кодекс на Ирокезите постои обврска поглавицата да води сметка како некоја негова одлука ќе влијае врз судбината на наредните седум генерации на племето.