Има ли Русија подобар Путин од Путин?

Откако Немцов го отепаа а Каспаров ја напушти Русија, единствено лице на руската опозиција е Александар Навални. А и тој е малку во затвор. Но, поголем проблем е што и кога е на слобода, тој е многу сличен на Путин.

По импресивните демонстрации во неколку руски градови, на 12 јуни Александар Навални доби 30 дневен притвор. Во цела Русија во моментов не постои ниту еден друг човек кој може да се нарече опозициски лидер.

А не беше така. Не многу одамна, пред 6-7 години, Путин спроти себе имаше цел шпил опозиционери. Левичари, десничари, центристи, сите подготвени да седнат на иста маса за да мозгаат како да го срушат силниот претседател. Во тој шпил, Навални не ни беше највлијателниот, како на пример Борис Немцов, Гари Каспаров или Михаил Касјанов. Навални немаше своја партија, немаше победено на избори и не поседуваше никакво државничко искуство.

Денеска нема никој освен него. Немцов убиен, Гаспаров бегалец, Касјанов после секои избори сè подалеку на маргините.

41 годишниот Навални беше активист на Јаблоко од која беше избркан заради наштетување на угледот на партијата со неговите хомофобични и расистички излети (Грузијците ги нарече глодари). Ама е добар правник и добро го лови Кремљ во криминалот. Уште нема партија или коалиција ама има стотици илјади онлајн следбеници кои ги држи со ексклузивни материјали на својот популарен блог и Јутјуб канал.

За првпат после 17 години откако е на власт, Путин карши себе има само еден противник а тој е - ист како него.

И за Навални не може да се оцени дали е левичар или десничар, неговите идеолошки изјави се шарени и контрадикторни. Дури и за базични прашања како што е Крим, дава широки и недефинирани одговори.

А во односите со своите соработници има авторитарен стил, сличен на Путин. Најблиски му се оние кои ги плаќа (луѓе од неговата Анти-корупциска фондација) а ним тој секогаш ќе им биде шеф а не партнер. И ама баш исто како Путин, сака себе да се поистовети со Русија.

Оние што баш го нејќат, тврдат дека Навални е човек на Кремљ. Њујорк тајмс не мисли така но проценува дека сè додека Навални игра исто како Путин, и несакајќи ќе му врши голема работа.

4 јули 2017 - 19:36