Прашањето го покренал лично Шолц на средба со своите колеги и побарал менување на договорите пред на Киев да му биде официјално дозволено да се приклучи.
Доколку Украина стане членка на ЕУ, таа ќе биде петата по големина држава во Унијата, но и првата по сиромаштија.
„Според сегашниот систем на гласање во Унијата, кој го зема предвид бројот на членки што гласаат и нивната популација, Киев ќе има 9% од вкупната моќ на ЕУ.
Комбинирањето на овие моќи со блискиот сојузник Полска, би го направило парот посилен и од Германија, најголемата и најбогатата европска држава.
Кога на ова ќе се додадат другите централно и источноевропски сојузници, тие ќе имаат комфорно мнозинство во блокот кое ќе биде далеку помоќно отколку традиционалното француско-германско сојузништво,“ пишува Џо Барнс во текстот за британски Телеграф.
Инсистирањето на Шолц е да се измени начинот на гласање во ЕУ за да се осигура дека нема да може да се создаваат сојузништва во рамките на Унијата со цел вадење дополнителни пари од нивните богати западни членки.
Шолц бара и укинување на правото на вето што сега го има секоја една членка на Унијата без разлика на нејзината големина и популација.
На сличен став е и Макрон, кој не сака помалите држави на ЕУ да имаат ист глас со Франција и останатите финансиери на Унијата.
Процените за целосно украинско членство во ЕУ се дека тоа ќе се случи за неколку децении, ако треба да се истераат сите реформи во судство, економија, владеење и борба против корупција. Наспроти ова, Зеленски бара тоа да не се чека „години или децении“ туку да се случи брзо.