
Ова беше важна недела за обидите на претседателот Доналд Трамп да ја заврши војната во Украина. По двочасовниот разговор со својот руски колега Владимир Путин тој во петокот во Белата куќа се сретна со украинскиот лидер Володимир Зеленски. Во оваа битка за наклонетоста од Трамп победи реалноста, која е сурова за Зеленски.
Украинската делегација дојде во Вашингтон со надеж дека претседателот Трамп ќе го поддржи нивниот план да ѝ се вратат во офанзивата и дека ќе добијат од САД проектили томахавк, што ќе овозможат напади подлабоко на руска територија. Трамп ги одби и двете барања. Одговори дека војната може да заврши и без употреба на томахавки и наместо да преземе нови обврски за воена помош, го повика Зеленски да прифати договор што ќе донесе мир.
Ставот на Трамп требаше да биде очекуван. И покрај сите најави за томахавките во Киев и во Вашингтон, овие проектили никогаш навистина не беа на маса за Украина. Не само што Киев нема начин да ја лансира ракетата со долг дострел, туку и американските залихи се толку ограничени што Пентагон сигурно би се спротивставил да се откаже од нив. Реториката на Трамп за томахавките наликуваше на неговите претходни предупредувања за построги санкции врз Русија - закана што тој не сака да ја искористи.
Надежите на Украина за нова офанзива беа подеднакво фантастични. Одбранбената индустрија во САД и во Европа, како и преостанатите залихи, се премногу ограничени за да поддржат уште една офанзивна кампања. Уште поважно е тоа што недостигот на човечки ресурси во Украина би ја направил таквата операција невозможна.
Отфрлањето на украинските барања се опишува како отстапка од Трамп кон Москва, но ова би било неправедно. Сосема разумна е проценката на Трамп дека неколку ракети со долг дострел или уште една рунда санкции нема да ја променат траекторијата на војната. Разумно е и неговото верување дека на Украина ѝ е потребен прекин на огнот сега, дури и ако не го сака, пишува Џенифер Каванa.
И Путин е соочен со реалноста. Тоа што тој му се јавил на Трамп сугерира дека разбира колку е важно да го држи американскиот претседател вклучен во дипломатскиот процес. Само Трамп може да ги оствари политичките цели што Путин ги постави за оваа војна, вклучувајќи ги и крајот на проширувањето на НАТО и дијалогот за идната безбедносна архитектура на Европа.
Трамп и од Путин побара прекин на огнот по сегашната линија на фронтот, отфрлајќи го барањето на Русија да го грабне и остатокот од Донбас. Како што забавува напредувањето на фронтот, Путин можеби почнува да разбира дека се губи неговата надеж за воено освојување на Донбас. Ова само ќе ја зголеми важноста на улогата на Трамп. Ако територијалните цели се недостижни, клучни стануваат политичките, кои бараат согласност од Трамп.
Би било премногу оптимистички да се каже дека настаните од оваа недела го приближија крајот на војната. Сепак, постепеното прифаќање на реалноста од двете страни е позитивен развој. На крајот на краиштата, војната може да заврши само кога сите страни ќе се помират со фактот дека несовршеното примирје е најдобриот од сите можни исходи, пишува Џенифер Каванa за Unherd.